Дискографската куќа „Кроација рекордс“ го објави албумот „Ќеиф“ на Васил Хаџиманов Бенд

Насловна корица на албумот „Ќеиф“ (Keyf)

Најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ го објави новиот студиски албум „Ќеиф“ на Васил Хаџиманов Бенд, еден од највлијателните џез-фјужн ансамбли на Балканот.

Оваа исклучителна група музичари долги години ја воодушевува публиката ширум светот со својот уникатен звук и енергија, а нивниот нов албум носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и, како и досега, креативни експерименти со различни музички насоки и ритми.

Албумот „Ќеиф“ (Keyf) е осми студиски албум на бендот, а содржи девет песни во продукција на Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Свој придонес кон албумот имаат старите членови на бендот Бојан Ивковиќ и Бранко Тријиќ, специјалните гости Марта Хаџиманов, Љубомир Милановиќ, Александар Петров, Газменд Бериша и Тони Китановски, како и новите членови на бендот Растко Обрадовиќ и Ратко Даутовски, кои ќе го изведуваат овој материјал, заедно со Мирослав Товирец и Виктор Филиповски предводени од Васил Хаџиманов.

Васил Хаџиманов е музичар со уникатен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива алка на регионалната џез-сцена и поединец што носи дел од неговите предци, кои, секој на свој начин, ги одбележаа музичките простори на Балканот, во нераскинлива серија на чувари, изведувачи и нови толкувачи на традицијата.

Потпирајќи се на богатото искуство на фолклорот, кое, според него, е „музика од која не треба да се срамиме, туку, напротив, таа треба да се поддржи и да ѝ се даде повеќе простор“, Васил Хаџиманов е автор што правилно ја воочил пораката од неговите претходници и ја преточил, инспирирајќи се од неа, во автентичен музички израз.

Снимањето и продукцијата на албумот „Ќеиф“ беше поддржано од „GDi For The Arts“ и „Кроација рекордс“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 195, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 08-10.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот