Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија по дијалогот во Брисел: Инсистиравме на разговори за ЗСО и динарот

Фото: Kosovo online

Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, по завршување на трилатералната средба во Брисел со главниот преговарач на Приштина Бесник Бисљими и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, изјави дека директниот разговор се случил затоа што на тоа инсистирала српската делегација, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што изјави Петковиќ на новинарите, прво на што инсистирале е формирањето на ЗСО, како прво и главно прашање поврзано со судбината и иднината на српскиот народ, а второ важно прашање било прашањето за динарот, со оглед на одлуката на Приштина да го укине динарот, што, како што рече, е тешко за српскиот народ.

Тој посочи дека на средбата било истакнато сето она што го попречува опстанокот и животот на српскиот народ на Косово, вклучително и сите насилни потези во поглед на деветмесечното ембарго за српска стока.

-Разговаравме и за бројни инциденти, затворањето на српските институции, српската амбуланта во Приштина, однесувањето на полицијата кон Србите, многу тешката положба на Србите и уредбата за динарот, кој ги погоди Србите кои примаат социјална помош, но и нашите институции, рече Петковиќ.

Според него, формирањето на ЗСО е клучно за српската страна, бидејќи целосно го решава финансирањето на српските институции што е предвидено во договорот.

-Бисљими инсистираше на некаква оптимизација на Охридскиот договор, ние на формирање на ЗСО, бидејќи го потпишаа Белград и Приштина и ЕУ. Видете што се случува кога нема ЗСО. Да не зборуваме дека Србите го напуштаат Косово, што е со изборите на север, разговаравме за се детално и дека решенијата треба да се бараат со дијалог, рече тој.

Петковиќ изрази очекување разговорите да продолжат на почетокот на следната недела, во понеделник или вторник, „за да бидеме поблиску до договор и да се движиме во насока на решенија поврзани со прашањето за динарот“.

Како што неодамна изјави портпаролот на Европската комисија Петер Стано, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак ги покани главните преговарачи во Брисел да ги продолжат разговорите од пред неколку недели за одлуката на Централната банка на Косово.

Тој додаде дека на средбата ќе се разговара и за други итни прашања како дел од дијалогот.

Стано рече дека целокупната имплементација на Охридскиот договор е едно од најитните прашања и оти во разговорот ќе бидат допрени некои негови аспекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот