Директорката на „Димитар Влахов“ има лажен сертификат, тврди екс директорот Божиновски

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Екс директорот и професор во средното стручно училиште „Димитар Влахов“, Ванчо Божиновски, обвинува за кршење на Законот за средно образование, при поставувањето на Лидија Андоновска за в.д. директорка на училиштето. Откако Божиновски ги обезбедил потребните докази од Државниот просветен инспекторат, ги доставил до Град Скопје, но и покрај тоа, според него, аргументите не биле доволни за Градот да заклучи дека во училиштето навистина има проблем и да постапи според Законот, односно да ја разреши именуваната директорка, и да постави кандидат кој ги исполнува условите.

– По вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат направен е увид и сочинет е записник во кој се утврдува дека именуваната нема соодветен сертификат за познавање на англиски јазик, како што се бара според Законот за средно образование каде стои дека за директор на јавно средно училиште се избира лице кое покрај општите услови утврдени со Закон, треба да има и соодветен сертификат, не постар од пет години, за познавање англиски јазик – објаснува Божиновски.

Откако комуникацијата со Градот не го добила посакуваниот резултат, Божиновски се обиде правдата да ја побара и преку „Слободен печат“, покажувајќи ги документите кои го потврдуваат неговото обвинување.

– Директорката има сертификат за познавање на англиски јазик, но истиот е добиен во Бугарија, што според Британскиот совет на Република Македонија е невалиден. Советот, како единствена лиценцирана институција за реализација на испитите од Кембриџ, испрати мислење за веродостојноста до Инспекторатот, во кое се вели дека кандидатот не ги исполнува условите за функцијата директор. Андоновска употребила сертификат издаден од Адванс- центар за подготовка за испити со седиште во Софија, и на истиот не пишува дека е положен – наведува Божиновски.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Со ситуацијата запознаен е и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, но според него станува збор за неосновани обвинувања, бидејќи како што рече, нема ништо спорно ако сертификатот е од Бугарија.

– Во минатото многу луѓе беа поставени на работни позиции, иако не ги задоволуваа условите. Со цел да се спречи таквата пракса, ние донесовме одлука, да не може никој без познавање на англиски јазик да биде директор на училиште. Директорката има сертификат, и нема ништо спорно ако истиот е добиен во Софија, бидејќи во тоа време, во Македонија немаше каде да се полага – рече Шилегов.

Директорката на училиштето ги отфрла обвинувањата како невистинити. Таа во изјава за „Слободен печат“ вели дека Божиновски „изнесува бројни лаги, невистини и клевети со кои ја дезинформира јавноста, со цел да ги прикрие неправилностите и злоупотреби кои ги релизирал во текот на неговото осумгодишно владеење“.

– Што се однесува до тврдењата дека Сертификатот е фалсификат, тоа исто така е невистина креирана од него и неговите подржувачи. Јас имам доставено Сертификат издаден од образовен центар во Софија со број AD 2800 на 09.04.2019 година за доказ за положен КЕТ меѓународен сертификат по англиски јазик. Постапено е спротивно на закон и процедури, бидејќи барано е мислење од организација за културни врски и образовни можности која не е надлежена и не може да нострифицира, потврдува и дава мислење за сертификат, за друга конкурентска организација и истото мислење да биде доказ – вели Андоновска.

Таа го демантира и извештајот од Државниот просветен инспекторат.

– Во однос на работата на Државниот просветен инспектор од Државниот просветен инспекторат, кој само за неколку часа на 22.10.2019 ( втроник) , работно мотивиран, успеал да подготви два записника и едно решение, при што, прекршил повеќе закони, а со забелешки по истите, доставени се до Државниот просветен инспекторат и други надлежни институции кои и согласно своите надлежности очекувам да постапат. За делувањето на Државниот просветен инспектор свој став и мислење имаат и членовите
на Управниот одбор на СУГС „Димитар Влахов“ и точно ги лоцираат одговорностите на лицата вклучени во групата на Ванчо Божиновски и нивното делување – објаснува Андоновска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот