Димитров и Османи ги заменија ресорите, заеднички ќе работат на евроинтеграциите и добрососедските односи

Никола Димитров и Бујар Османи вчера извршија примопредавање на ресорите, обврзувајќи се дека заеднички ќе работат за истата цел – евроинтеграциите и добрососедските односи.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров од вчера официјално ја презеде функцијата во новата Влада. Димитров досега беше министер за надворешни работи, а шеф на дипломатијата сега е Бујар Османи, кој, пак, во претходната влада беше вицепремиер за европски прашања.

Димитров, на заедничката прес-конференција со Османи, како историски ги оцени изминатите три години додека ја извршуваше фунцијата шеф на дипломатијата, пред се, како што рече, поради членството во НАТО, решавањето на спорот со Грција, и почнувањето на историскиот процес со Бугарија. Во наредниот период во кој ќе раководи со СЕП, како што истакна, фокус во работата ќе му биде почеток на пристапниот процес за ЕУ и успешно водење на преговорите за членство во Унијата.

-Ќе оставам за тоа да зборуваат партнерствата и пријателствата што ги изградивме со соседите, со Европа и со светот. Постигнавме несомнено историски успех со членството во НАТО и со решение на тридеценискиот спор со Грција, кој како котва не држеше надолу, а почнавме и важен историски процес со Бугарија, рече Димитров на примопредавањето на функциите со досегашниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи, кој пак во новата Влада ќе биде министер за надворешни работи.

Димитров истакна дека заеднички успех со Османи било зеленото светло од март годинава за почеток на пристапниот процес со ЕУ.

-Процес со кој европските стандарди и во смисла на демократија и правда, но и живеење и економија треба да ги донесеме дома, во нашата татковина. Мојот фокус и на СЕП ќе биде почеток на пристапниот процес и да се искористи моментумот со германското претседателство и посветеноста на канцеларката Меркел кон крајот на годинава конечно да ги почнеме пристапните преговори и да ја отвориме најдобрата алатка за реформи дома, рече вицепремиерот Димитров.

Тој додаде оти тоа на некој начин би значело дека СЕП ќе биде еден од главните мотори кој ќе ги турка реформите напред. Најави дека претстои анализа односно одредено освежување на преговарачката структура која е веќе воспоставена со оглед на новата методологија на кластери во кои има повеќе поглавја.

Не чека, посочи Димитров, работа, предизвици, бреме и товар, но и огромна златна шанса овие години да бидат искористени за подлабоко да се навлезе во преговарачкиот процес.

Димитров информира и дека на 8 септември во Брисел земјите-членки ќе имаат дебата околу една верзија на предлог-преговарачката рамка, што ќе ја претстави германското претседателство со Европската Унија.

-Планот на Берлин во рамки на можностите во едно вакво време е овој процес да финишира во последниот месец од оваа година. Очекувањата на германското претседателство е првата меѓувладина конфереција да се случи во декември оваа година, рече новиот вицепремиер задолжен за европски прашања.

Новиот министер за надворешни работи Османи, пак, најави дека ќе се забрза процесот за пополнување на испразнетите амбасадорски места, особено таму каде што е фокусот на нашите надворешно политички приорити, а тоа се Брисел и државите членки на ЕУ.

Османи кажа дека е во тек постапката за неколку упатувања на амбасадори, кои беа заглавени поради административни пречки, нефункционални комисии во Собранието, а дел и поради пандемијата. Тој очекува да се ревитализираат и забрзаат сите постапки, не само во МНР туку и во Владата, зашто, како што посочи, ни претстојат важни процеси и затоа амбасадите треба да бидат во полн состав и капацитет за да одговорат на предизвиците.

– Фокусот при пополнувањето на амбасадорските места треба да биде според политичките приоритети на земјата, пред се европската агенда, отворањето преговори со ЕУ и засилување на нашите мисии и амбасади во Брисел и во државите членки, а во зависност од буџетските можности после пандемијата. Ќе се направи проценка, но ќе инсистирам фокусот да биде ставен на приоритетите, изјави Османи.

Поранешниот шеф на дипломатијата Димитров, рече дека останале многу малку амбасадорски места што не биле покриени со политичкиот договор од претходната влада и тоа во најголем дел со кариерни дипломати, а помал со политички назначени личности.

– Има многу малку места кои беа надвор од политичкиот договор во претходната влада. Многу од местата беа покриени, но има многу важни места меѓу кои и Вашингтон што беше покриен. Во смисла на бројка, многу се малку тие што не беа покриени со претходниот политички договор кој вклучуваше повеќе кариерни дипломати од МНР и многу помал дел политички назнечени кандидати, посочи Димитров.

Според него, главен проблем што досега не е донесен Законот за надворешни работи, било дневното политиканство и деветте одложувања на собраниската Комисија за надворешни работи. Очекува промена на таквата пракса и поодговорно однесување без дневно политиканство за важни прашања.

Османи, претходно, на примопредавањето на функцијата шеф на дипломатијата во новата Влада, рече дека Владата продолжува со истата стратешка ориентација кон ЕУ и НАТО со сличната надворешна политика и со непроменет тим.

Истакна дека следните предизвици ќе бидат формализирање на почетокот на преговори со ЕУ и водење на процесот на европеизација на државата.

-Приоритетите на Министерството за надворешни работи ќе бидат засилување на европската агенда на државата, продлабочување на стратешкото партнерство со САД, но и другите членки на НАТО и добрососедските односи, со акцент на двата договора што  треба да бидат имплементирани во периодот што доаѓа. Ќе се обидам во овој мандат да бидат транспарентен како што сум бил и секогаш, да бидам во постојана комуникација  со вас и да ги споделиме сите информации навремено, порача Османи.

Изрази уверување во политичката волја, во капацитетот на државата и на администрацијата, за, како што рече, поголеми чекори и успеси во наредниот мандат.

Османи и Димитров не очекуваат пречки од соседна Бугарија во процесот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Новоизбраниот вицепремиер за евроинтеграции Димитров истакна дека Бугарија не може да добие од комплицирање на европската иднина на Република Северна Македонија.

-Во тоа сум убеден бидејќи има голема улога кога беа претседавачи со Европската Унија, со Самитот во Софија токму во отворањето на Европа и враќањето на проширувањето високо на агендата на ЕУ. Во однос на ова прашање ќе имаме комплементарност со Бујар бидејќи од една страна ги тангира меѓусоседските односи, а од друга страна европската иднина на државата, рече Димитров.

Според него, тука заедничкиот став е дека прашањето на самоизјаснување и самоопределување во однос на македонскиот народ и Македонци кои зборуваат македонски јазик не може да биде во спротивност со Европската Унија којашто, како што рече, почива на европските вредности меѓу кои и богатството на различностите и правото на самоопределување.

-Македонскиот јазик е наша работа и за нас тоа прашање е затворено, посебно по финализирањето на личната карта на државата во Обединетите нации. Во овие рамки ќе бараме мудрост и упорност и во надминување на сите прашања со соседна Бугарија. Нема да биде лесно, мислам дека мора да бидеме искрени, проблемот претставува голем предизвик, но покажавме дека не се плашиме од предизвици, ќе се соочиме искрено, директно, знаејќи каков е влогот и што треба да заштитиме во смисла на националниот интерес, истакна Димитров.

Новиот шеф на дипломатија Османи рече дека иако Бугарија имала унилатерална забелешка на состанокот на Европскиот Совет, тие сепак дале согласност за одлуката за отпочнување преговори со ЕУ и оти не гледа интерес на ниту една земја во регионот, па и на Бугарија, да го попречат европскот пат на Северна Македонија.

-Во однос на преговарачката рамка и односите со Бугарија сметам дека стабилна и перспективна Северна Македонија е предуслов за стабилен и перспективен европски регион и тоа е во интерес на сите земји во регионот вклучувајќи ја и Бугарија. Тие тоа го поажаа на самитот на Советот во март, кога покрај унилатералната забелешка сепак дадоа пас за одлуката за започнување преговори. Мислам дека двете земји имаа доволно аспирациски капацитет да решаваат дневни амплитуди на разлики и во прашањата кои ги има спорот, меѓутоа во однос на стратешките линии дека не смее да се закочи европскиот пат на државата, тука имаме согласност, рече Османи. 

Во однос на надворешната политика и евроинтеграциите, согласно програмата, Владата се заложува дека целта на нејзините политики ќе биде да ги донесе европските стандарди и вредности дома и да им овоможи на граѓаните европски начин на живот.

Владата планира да ги заокружи преговорите што поскоро и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. До 2024 година во мандатот на оваа Влада, планира да отвори 80 отсто од поглавијата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ, стои во програмата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот