Дилемата на Марио Драги

Марио Драги/ Фото EPA-EFE/ANGELO CARCONI

Откако Драги ја поднесе својата оставка, многумина се нафатија да го убедат премиерот на Италија да остане на својата функција

Италијанскиот премиер Марио Драги се обиде да стави крај на својата премиерска улога, но се најде под голем притисок да продолжи, пишува „Политико“.

Марио Драги/ Фото EPA-EFE/Riccardo Antimiani

Што се случува?

Иако тензијата траеше со месеци, главната причина за одлуката на Драги да поднесе оставка беше неочекуваниот потег на партијата 5-ѕвезди од неговата коалиција, која го бојкотираше гласањето на доверба на италијанската влада.

Иако пратениците ја изгласаа довербата за неговата влада, Драги уште истиот ден ја поднесе својата оставка до италијанскиот претседател Серџо Матарела, која подоцна бепе одбиена.

Матарела ја одби оставката на Драги, надевајќи се дека ќе се најде заеднички јазик во владеачката коалиција.

Преговорите продолжуваат, а Драги изјави дека тој нема да ја води владата без партијата 5-ѕвезди.

Тој може да поднесе дефинитивна оставка или да свика гласање за доверба за да се обиде да ја потврди поддршката на неговата коалиција.

Матарела и Драги/ Фото EPA-EFE/ROBERTO MONALDO / POOL

Зошто е толку битно?

Покрај од домашната политичка сцена, Драги доби повици и од многу европски лидери да не си заминува од функцијата.

Драги е клучен за судбината на италијанската економија, што претставува најголем предизвик во неговото владеење досега.

Предвременото заминување на Драги, исто така, може да го доведе во ризик италијанското финансирање од ЕУ од фондот за закрепнување од коронавирусот, во време кога економијата е под притисок и земјата се соочува со енергетска криза.

Драги вчера го посети Алжир за да го финализира договорот за гас за да и помогне на Италија да ја намали зависноста од рускиот гас.

Драги и Тебун/ Фото EPA-EFE/ALGERIAN PRESIDENCY PRESS SERVICE /

Не само што ќе ја дестабилизира третата најголема европска економија, заминувањето на Драги ќе биде голем пораз за ЕУ, која со таквата одлука би го загубила еден од нејзините најмудри и најискусни лидери во време кога се соочува со инфлација и војна.

Ќе го промени ли своето размислување?

Драги смета дека нема поента да се биде во влада која повеќе не е ефективна. Тој не е убеден дека неговата влада ќе биде ефективна ако коалициските партнери се обидуваат да ја напуштат.

Многумина во Италија се надеваат дека тој ќе го промени својот став. Илјадници градоначалнити потпишаа отворено писмо до италијанскиот премиер, повикувајќи го да остане.

Бепе Сала, градоначалникот на Милано вели дека обичните граѓани не ја разбираат причината за кризата, а Италија може да се посрамоти пред целиот свет.

Поранешниот италијански премиер Матео Рензи, лидер на италијанската централистичка партија Вива Италија, започна петиција за останување на Драги на функцијата, а засега петицијата ја потпишаа 90 илјади Италијанци.

Поддршка за Драги во Торино/ Фото EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Што ако Владата пропадне?

Непосреден ризик за Италија е доколку парламентот не го усвои законот за буџетот, со кој треба да им помогне на најсиромашните во кризата со трошоците за живот и да ги финализира реформите потребни за отклучување на фондовите на ЕУ за борбата со пандемијата.

За Европа постојат и пообемни ризици доколку во Италија сега се одржат избори. Во интервју за Политико, Лиа Квартапеле, пратеник и портпарол за надворешни работи на централно-левичарската Демократска партија на Италија, изјави дека ако во моментов има избори во земјата, се очекува победа за десничарските партии.

„Италија треба да биде земја која ќе раководи со европската интеграција, но ако евроскептичните десничари дојдат на власт, тоа може да постави многу нови препреки“ вели Квартапеле.

Фото: ЕПА

Сојузниците на Драги, како претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон, неколку пати досега ја нагласија клучната улога на Драги во стабилизирањето на Европа и помагањето да се обезбеди солидарност на Западот во поддршката на Украина против Русија.

Ирина Верешчук, вицепремиерката на Украина, го опиша Драги како непартиски лидер со големо срце.

„Со Драги во Владата, ние ќе победиме во војната!“ изјави таа.

Што е следно?

Драги оваа среда (20/07) ќе се обрати пред сенатот, по што се очекува да се сретне со претседателот Матарела и да му ја потврди неговата оставка.

Или, ако владејачката коалиција ја изрази поддршката за Владата, тој може да го промени своето мислење и да одлучи да остане.

Постојат и други начини за тој да остане на чело на Италија, на пример со друго мнозинство, што не е толку веројатно бидејќи мандатот на Драги е за влада на национално единство.

И да остане премиер, проблемите за Драги можеби тек ќе почнат. Ако некоја од коалициските партии ја напушти владејачката коалиција, Драги ќе се соочи со потешкотии да ги донесе реформите кои претходно ги ветуваше.

Ако тој поднесе оставка, Матарела ќе одржи средба со политичките партии за да се договорат за алтернативно мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот