Џолев: Кривичен суд работи турбо и во ек на пандемијата и со недостиг од 10 судии

Основниот крвичен суд Скопје и во екот на пандемијата и во недостиг од најмалку 10 судии работи со целосна динамика, при што беа донесени пресуди за предметите „Тарифа”, „Титаник-2″, „Општина Центар”, „Рекет”, „Тревник” и за одвоените постапки за случајот „27 Април”.

Претседателот на Основниот крвичен суд Скопје, Иван Џолев на денешниот брифинг со новинарите рече дека во овој момент Судот располага со 48 судии, од кои една судијка е на трудничко боледување, а според систематизацијата предвидено е да има 70 судии.

Тој посочи дека од неговото назначување за претседател на Судот во ноември во 2017 година до сега по разни основи си заминале 20-тина судии, а на нивно место дошле само тројца судии.

За испразнетите судски места, како што рече Џолев, досега постојано усно и 10-тина пати писмено упатувале барања до Судскиот совет (СС) да делегира судии, а последното барање било испратено пред два дена.

Првото барање од Кривичниот суд до Судски совет го упатиле во септември во 2018 година, а одговор од СС добиле во јануари лани и во него било наведено дека Судот е ажурен и го совладува приливот на предмети.

Во моментот во Кривичниот суд се постапува по 10-тина предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и според закажаните рочишта и динамиката, како што вели Џолев, постои голема веројатност за пет предмети до крајот на оваа година да има пресуди.

На денешниот брифинг беше кажано дека предметот за Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ познат во јавноста како „Моќник” е распределен на судијката Ленка Давиткова, но сè уште не е закажано рочиште.

Од Кривичниот суд вчера соопштија дека Советот за оценка на обвинителениот акт поднесен од Основно јавно обвинителство, а во јавноста познат како „Моќник” против 13 лица донел решение со кое приговорите на обвинетите се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот