Детето поради кое се отпиша цел клас во Хрватска и натаму дивее – протести и во новото училиште
Без никаква најава до родителите на учениците, во училиште во Нов Загреб минатата недела било префрлено десетгодишното момче поради кое на почетокот на учебната година 14 ученици се отпишаа од друго школо во центарот на хрватскиот главен град, пишува „Јутарњи лист“.
Загрижените и незадоволни родители од новото училиште се организираат и повеќето од нив во петок не ги испратија децата на училиште во знак на протест. Триесетина родители во петокот наутро се собраа пред училиштето и беа примени на средба со директорот.
„Страшно е што никој од одговорните не ни кажа ништо. Не ми се верува дека запишале толку проблематично дете во второто по пренатрупаност училиште во Хрватска. Во нашето одделение има 28 деца. Како мислат дека ќе го одржуваат редот, ако не можеа да се справат со 15 деца?“, прашува таткото на еден од учениците во класот со проблематичното дете, кој барал да не му се открива идентитетот.
“(Момчето) ги злоставува сите деца, ги допира девојчињата по интимните делови, а машките ги штипка за задникот. Отворено ги повикува на секс и такви некои работи“, вели мајката на ученичка во класот со проблематичното дете.
Тоа четврто одделение неодамна имаше родителска средба, на која не се кажа ниту збор за сето тоа. Родителите откриле кој новиот ученик дури откако почнале да зборуваат меѓу себе во група на WhatsApp.
Училиштето наводно било принудено да го прими момчето, иако директорот се противел.
На ученикот во новото училиште му е доделена образовна асистентка, и тоа социјален педагог.
Момчето претходно со месеци ги малтретирало своите соученици во поранешното училиште, по што дури десет деца морале да добиваат помош од психолог, а наставничката отишла на боледување. Неодамна педагогот од тоа училиште дал отказ.
Родителите на децата од новото училиште немаат доверба во системот затоа што тој досега не се покажал решителен во справувањето со овој проблем, кој само се продлабочува.
„Тоа дете не почнало само да се однесува така, очигледно има проблеми, кои можеби се од дома, а можеби од некој друг“, вели една од мајките. „Системот мора да направи се за да го доведе тоа дете во ситуација да може нормално да оди на училиште. Ние како родители бараме институциите да си ја завршат својата работа, која долго време ја туркале под тепих“, додава таа.