Детали за упадот во „Инфомакс“: „Кој си ти да го навредуваш премиерот?“, му рекол вандалот на Мечка и го гаѓал со чаши
Вандалот што синоќа среде емисија во живо упадна во студиото на „Инфомакс“, освен што кршел врати со влезни кодови, влеал страв и несигурност кај присутните во студиото, сето тоа го правел во име на одбрана на премиерот Христијан Мицкоски и упатувал закани по живот, тврди за „Слободен печат“ Александар Митoвски, уредник на емисијата „Тешки муабети“ и еден од нападнатите во инцидентот.
Препорачано
-Додека траеше емисијата во живо, слушнавме дека некој вика на глас надвор и удира по влезната врата во дворот на редакцијата. Бидејќи успеа да ја скрши вратата, влегол и во дворот и се упати во студиото. Во студиото искрши две други врати и почна да вика и да се заканува дека ќе не убие. Ќе ни ги извадел џигерите, ми се обраќаше што сум се замислувал јас и кој сум бил јас да го навредувам премиерот. Потоа се јавивме во полиција. Полицијата пристигна за 5 минути. И на полицајците им го зборуваше тоа и тие го запишаа во записник – дека сум го навредувал премиерот. Ги чекаме обвинителите да завршат со снимката, па ќе ја објавиме, за да може да видите како изгледаше тоа. Не го познавам лицето. Беше на возраст од околу 40години. Гаѓаше со чаши кон мене и кон Стефче Јакимовски. Додека да дојде полицијата Милош и дечкото од режија го држеа со полиција да не бега, изјави за „Слободен печат“ Митoвски.
Тој додава дека напаѓачот му се обратил и со зборовите „Зошто на Стефче не му поставуваш прашања како за премиерот?“.
-А на Стефче му зборуваше за син му кога работел во Паркинг, такви работи. Кривичната пријава му е за насилство член 386 и за попречување на службено лице во вршење на должност, ни рече Митевски.
Снимката која подоцна ќе ја објави редакцијата на „Инфомакс“ содржи кадри од тоа како лицето ја крши вратата, влегува во дворот и уште една снимка од мобилен телефон на која се гледа како лицето вика.
-Загрозена е безбедноста на целата редакција и на моето семејство зашто таму каде што е студиото, таму и живеам. Не сакам да верувам дека станува збор за нарачан инцидент од владејачката гарнитура, но со сигурност можам да кажам дека вакви инциденти се инспирирани токму од речникот на највисоките функцонери на власта, меѓу кои и Мицкоски. Етикетирањето за предавници на сите кои мислат поразлично од нив, заканите за „вадење за уши” и латентната агресија кон неистомислениците ги охрабрува ваквите радикални, а во суштина исплашени луѓе да сметаат дека се над законот и дека партијата ќе ги штити од одговорност бидејќи ја бранеле. Во суштина, овој човек е жртва на сиромаштијата во која живееме, и духовна и материјална. Тој гледа закана во нас за неговата партија која му дала работно место, па од страв да не се смени владејачката партија и тој да не го изгуби партиското работно место решил вака да си го штити лебот, изјави Митoвски.
„Слободен печат“ се обрати кај портпаролката на Владата Марија Митевска со прашање дали премиерот има некаков коментар во врска со нападот, но засега немаме одговор.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осуди бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
Според информациите од колегите од Инфомакс, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото
Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат. Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Бараме најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари. Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок. ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници, велат од ЗНМ.
Од МВР информираа дека е уапсен Г.С.(43) од Скопје, веднаш по добиената пријава од Митевски.
Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци. По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираа од МВР.


