Десница што лизга во хаос, блокади и страв

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Овие протести и блокади низ неколку градови во Македонија се тест. Ако оваа будалштина им помине, за брзо време Македонија ќе се лизне во хаос. А Македонија не им припаѓа ексклузивно „ним“, Македонија ни припаѓа на сите нас, без разлика што тие мислеле за тоа!

Кога човек ја гледа таа македонска десница, кога човек го гледа тој нивни очај, кога човек ја гледа таа нивна беда, тоа политичко незнаење, не може да се оттргне од згужваното лице на тој ендемски провинцијализам. Секоја, имено, манифестација на слобода и слободно мислење, нужно мора да се објасни со некоја нивна „десничарска“ конспирација: „Да објави Заев што стои зад договорот со Бугарите“, или пак, имате нова – „Што сака Заев, да нѐ побугарчи“?

Во нужда или во крајна веселба, ја добивам следната претпоставка за тоа како размислуваат национал-параноиците: Вашингтон испраќа депеша до Брисел, Брисел магиски ја проследува до мене, а некогаш и до Орданоски С., неретко до Дерала и Сарачини, ние, разбирливо, тоа веднаш го пуштаме низ медиумите и веќе е на повидок нова антимакедонска брука и срамота. Добро, шегата настрана, огромно мнозинство национал-параноици уживаат во пљачка, во стрелање неистомисленици, а богами уживаат и во лично и во колективно самоволие, некогаш тоа самоволие го нарекуваат „случување на народот“. Сево ова погоре е нивна природна средина.

Политиката за десницата е турбо-фолк. Што сакам да кажам? Најдобар начин да се објасни политиката на нашите националистички „мудросери“ е преку торбо-фолк музиката. Не велам дека турбо-фолкот е убава или грда музика, туку едноставно речено тие строфи се толку банални до болка. Од друга страна, убеден сум дека нашата земја е под западен мониторинг, свесени се и самите странци дека имаме затвореници и бегалци; едните се во Шутка, а другиот во бегство, и во таа смисла ми се чини дека со сево ова што го правиме како политика – Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија (не навлегувам во самото „вето“, денес е тука, а веќе уште утре може да го нема) – нашата борба има голема смисла. Пљачкаши, крадци и „мародери“ можат да се најдат во затвор, што значи земјата влегува во некоја релативна „нормалност“.

Меѓутоа, таа десница не е слободна, туку на слобода е присилена. Кога ќе ги пуштиш да бидат одговорни, да прифатат некои права и обврски, тие се враќаат на исто – насилство и самоволие. А, тоа многу добро се објаснува ако ја погледате последна седница (комисија) во Собранието што ја води Коста Костадинов од редовите на СДСМ: Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ демострира вербално насилство, се дере. Во таквиот призор се јавуваат епигоните на тој десничарски хор, се обидуваат да ја блокираат работата. Оној што сака, лесно може да го види тој простотилак, тоа мајмунисување, таа некултура и нецивилизираност. Велам, лесно може да се види тоа враќање во варварство. Или уште попластично речено: ВМРО-ДПМНЕ го враќа оној стар, ама некако и нов, „неонацизам“. Нема друг збор за таа крволочност, почитувани граѓани, дури може тоа да ви го потврдат и многу поумни глави од мојата.

Во меѓувреме, масло на огнот додаваат порталите што се комплетно таблоидизирани, телевизиите – чест на исклучоци – исто така. Но, тоа е долга и широка тема, а ние да се вратиме директно и „в глава“.

Мицкоски ќе блокира раскрсници и улици во неколку градови во Македонија. Зошто тоа го прави, се прашувате. Ги вадат луѓето за да се дерат, да викаат, ако може и некого да линчуваат; потоа ќе се вратат во своите домови и ќе се оддадат на својот „мегаломански“ индивидуализам. Што значи дека ги искористуваат своите човечки капацитети до крајна себичност. Сѐ она што треба да им дојде од духот, од себе, на ВМРО-ДПМНЕ им доаѓа од странство: ги добиваат агендите од Будимпешта спакувани, залепени и тазе.

Бидејќи не можат себеси да се видат како Европејци, бидејќи таквиот свет им е комплициран во сите негови практики, секогаш им се враќаат на „националните собиранки“. Притоа не сфаќаат дека таквите „национални собиранки“ ги доведоа тамо каде што се: во злосторство, судења и затвори. Или што би се рекло, памет не им доаѓа!

Кај нас изгледа е скандал ако некоја политичка структура ја враќа земјата во нормалност; изгледа во оваа земја е скандал ако си добар, емпатичен и неосудуван. Дури, спремен сум да одам и натаму: протестите против „дебугаризација“ низ државата не се народ – тоа одговорно го тврдам – туку групи за притисок, кои мислат дека имаат „атестирани“ апарати што можат да го мерат патриотизмот во крвта, и да соопштуваат дијагнози.

Сакам, на самиот крај, да ви кажам нешто многу важно, почитувани пријатели. Овие протести и блокади низ неколку градови во Македонија се тест. Не сум ниту параноик, а не сум ниту љубител на теориите на заговор: „Бугаризација“ на Македонија не постои, тоа е во главата на национал-параноиците. А, зошто е тест? Ако оваа будалштина им помине, за брзо време Македонија ќе се лизне во хаос. А Македонија не им припаѓа ексклузивно „ним“, Македонија ни припаѓа на сите нас, без разлика што тие мислеле за тоа!

Оти, мајку му стара, веројатно нема да дозволиме повторно да бидеме изолиран остров, сами на себе: најлошите меѓу нас да бидат најгласни, а нормалните да бидат „куш“!? Оти, чесен човек не смее да се повлече пред битанги, а да не стане полош од нив! Значи, се гледаме во нови борби, на нови игралишта, паркови, клупи, дебатни емисии, градови и села. Се гледаме во нова борба, овој пат „локална“, што и да значи тоа.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот