Десетици паднати дрвја од ветрот во Скопје, се расчистуваше до вечерните часови
Попладнево и вечерва се расчистуваа последиците од силниот ветар што зафати делови од Скопје и од кои се искршија или откорнаа десетици дрвја на разни локации. На терен работеа општинските екипи на Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, секоја на својата територија.
Препорачано

По расчистувањето на паднатите дрва на улица Никола Парапунов и во паркот Делфина во Влае попладнето, нашите екипи до доцна вечерва работеа на расчистување на паднати стебла и скршени гранки на улица Карпошево востание, на улица Драгиша Мишевиќ кај градинката „Орце Николов“ во Карпош 3, Радика 9 пред влезот на ООУ „Лазо Трповски“ и општина Карпош, улица Манапо, улица Љубљанска, Јуриј Гагарин зграда број 54, Јуриј Гагарин карши „Рептил“ и Карпош 4 спроти пицерија „Доминос“ – соопштија од Општина Карпош.
На булевар Македонска Војска во Ѓорѓе Петров падна покрив од зграда. Градоначалникот Александар Стојкоски им се заблагодари на фирмата „Анизор“ и Комунален пункт на Општина Ѓорче Петров кои со сета расположлива механизација излегоа на терен и во најбрз рок се расчистија последиците од паднатиот покрив.

Жителите на Ѓорче уште еднаш ја покажаа солидарноста и во голем број се вклучија со помош, за што сум многу благодарен.Останува да ги санираме паднатите дрва, се оспособува уличното осветлување, одредени делови кои се напојуваат од трафостаница Нерези можно е да имаат проблеми со довот на струја , а екипите на ЕВН работат на санација – информира Стојкоски.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски извести дека во Драчево имало неколку паднати бандери од невремето коишто набрзо потоа биле заменети, а на неколку локации низ општината имало и паднати дрвја и искршени дрвја кои попладнето серасчистувале.

Дополнително, нашето општинско возило е ставено во служба на противпожарната бригада, доколку има потреба да може да делува на терен. Во контакт и комуникација сме со сите скопски градоначалници и секаде каде што ќе има потреба ќе делуваме во наредниот период, рече Ѓорѓиевски.
На терен дејствуваа и екипи на ЈКП „Гази Баба“ кои беа ангажирани во расчистување на паднатите дрвја, отстранување на пречките и санација на последиците со цел побрзо нормализирање на состојбата.
Попладнево пожар зафати дел од шума во атарот на Булачани, Црешево, Виниче, а се движеше и кон село Брњарци во општина Гази Баба, по што со интервенција на противпожарната бригада, но и на жителите пожарот беѓе локализиран, а потоа и целосно изгаснат.
Иако пламенот стигна до првите куќи, за среќа, освен шума, сено и трева – нема посериозни штети, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.


