Танц-платформата „Мувинг Балканс“ е регионална иницијатива кофинансирана од Европската Унија

Десет современи танцови продукции ќе настапат на второто издание на „Мувинг Балканс“, што ќе се одржи во Нови Сад

Второто издание на „Мувинг Балканс – Шоукејс за современ танц“ ќе се одржи од 13 до 16 мај 2026 година во Нови Сад, Србија, и ќе претстави избор на десет современи танцови продукции и шест Денс Скејп пичинг проекти од Балканот.

Првото издание на „Мувинг Балканс“ минатата година се одржа во Љубљана, Риека и Загреб. Изборот на учесниците на второто издание на „Мувинг Балканс“ е направен од 214 апликации од целиот регион, од страна на уметничкиот одбор на платформата „Мувинг Балканс“, заедно со двајца меѓународни експерти – Ингрида Гербутавичиуте, директорка на „Танцхаус НРВ“ од Дизелдорф, и Саме Рајмекерс, поранешен директор на „Дансенс Хус“ од Осло.

Селектираните дела ја отсликуваат разновидноста, храброста и уметничката зрелост на современата танцова сцена во регионот. Селекцијата во Нови Сад ќе биде претставена пред меѓународна публика, фестивали и културни професионалци.

Меѓу 10-те селектирани продукции за 2026 година, за првпат е вклучена и претстава од Македонија – „Мокументари“, во кореографија на Адријана Данчевска Ровчанин, продукција на Скопје танцовиот театар и Културниот центар „Интерарт“.

– „Мокументари“ е танцова претстава која со ироничен тон и препознатлив хумор се зафаќа со една од најконтроверзните теми на денешницата – политичката сцена. Танцот овде не е само израз, туку метафора на нестабилноста, постојаната промена и отпорот. Со тело како сведок, но и како чинител, изведувачите Нина Петрушевска и Лука Ѓорѓиевски го преиспитуваат сопствениот идентитет во контрадикторниот пејзаж на моќ, влијание и самоопределување – објаснува продукцискиот тим.

Сценографијата е на Ивана Мојсовска, а музиката на Александар Гроздановски, создавајќи динамичен и провокативен сценски дијалог. Претставата беше премиерно изведена на 22 април 2025 година, на отворањето на „Денови на македонски кореографи“ на малата сцена во Националната опера и балет, по што следуваа изведби на „Танц фест Скопје 2025“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), како и на „Платформ перформанс фестивал“, во рамките на Платформата за македонски кореографи, организиран од „Локомотива“.

Покрај селекцијата на „Мокументари“, македонската сцена е присутна и преку развојни процеси иницирани во рамки на „Мувинг Балканс“. На првото издание на шоукејсот (2025), македонската кореографка Ивана Балабанова учествуваше во Денс Скејп пичинг сесиите, каде што го претстави својот проект „Југо“. Настапот резултираше со значајна поддршка и интерес за финансирање од повеќе европски и балкански фестивали и институции, меѓу кои организации од Германија, Италија, Австрија, Хрватска и Франција.

Во интервју за „Културен печат“, Балабанова тогаш истакна дека можноста да се претстави пред водечки европски танцови организации била искуство исполнето со возбуда, адреналин и чувство на одговорност, нагласувајќи дека искреноста и автентичноста остануваат нејзин основен пристап кон уметничката практика. Како резултат на овој процес, премиерата на „Југо“ е најавена за во април во програмата на „Танц фест Скопје 2026“, каде што делото ќе биде изведено за првпат пред публика.

Покрај македонското присуство, во официјалната Топ 10 селекција на шоукејсот за 2026 година се вклучени и следните уметници и продукции: Ења Белак и Кристина Пелдова – „Распрснати моменти“ (Словенија); Илиас Чацигеоргиу – „Исплашен“ (Грција); Александра Михаела Данч и Влад Бенеску – „Соматски фрикови: револуцијата на проприорецепторите“ (Романија); Дејан Георгиев – „Последна орбита“ (Бугарија); Ермира Горо – „Телос“ (Грција); Коста Каракашјан – „Инсерт коин / Плејер уан“ (Бугарија); Хара Коцали – „Крај на фазата на забава“ (Грција); Џиневра Панцети и Енрико Тикони – „Аларме“ (Хрватска); Марта Рак – „Присвојувања: територија“ (Хрватска).

Програмата вклучува и Денс Скејп сегмент, во кој со свои проект-презентации наменети за меѓународна професионална публика ќе учествуваат Кристина Алексова (Словенија), Мадалина Дан (Романија), Џанан Јучел Пекичтен (Турција), Неда Ружева (Бугарија), Александрос Ставропулос (Грција) и Соња Стојановиќ (Србија).

Непосредно пред „Мувинг Балканс“ во Нови Сад, во Скопје ќе се одржи 22. издание на „Танц фест“, каде што македонската сцена ќе продолжи да се развива, поврзува и претставува во дијалог со регионот и Европа.

Платформата „Мувинг Балканс“ е регионална иницијатива кофинансирана од Европската Унија, насочена кон зголемување на видливоста, мобилноста и конкурентноста на современиот танц од Балканот на европската и меѓународна сцена. Проектот е поддржан од Националниот културен фонд на Бугарија, Министерството за култура на Словенија, Град Љубљана, Министерството за јавна администрација на Словенија, Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Град Загреб, Министерството за култура на Романија и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 319, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот