Десет години без одговори и без утеха за патниците од „МХ370“
Во ера на напредна технологија, кога од сателит може да се види речиси секоја педа од планетата, летот „МХ370“ останува најголемата мистерија во историјата на воздухопловството воопшто
Добра ноќ, Малезија 370 – се одјавил капетанот Захари Ахмад Шах. Добро, добра ноќ – додал копилотот.
Препорачано
Овие зборови на пилотите на „боингот 777“ на летот „МХ370“, кажани до Контролната кула во 1.19 часот на 11 март 2014 година, и денес кошмарно одѕвонуваат во главите на роднините на стотиците патници што пред десет години тргнаа од Куала Лумпур кон Пекинг и – исчезнаа.
До денес нема никаква трага за судбината на малезискиот авион со 227 патници и 12 члена на екипажот. Во ера на напредна технологија, кога од сателит може да се види речиси секоја педа од планетата, летот „МХ370“ останува најголемата мистерија во историјата на воздухопловството воопшто.
Не се знае точно ни зошто се изгубил контактот ни каде тргнал авионот ни каде завршил. Сѐ што се знае за авионот е од пораките снимени во контролната кула и од сигналите што ги испраќал транспордерот.
Авионот со 239 луѓе летнал од Куала Лумпур во 0.41 часот. Во 1.20 часот, една минута по поздравот од копилотот, бил регистриран и последниот сигнал од транспордерот – уредот што автоматски го идентификува авионот и до радарите испраќа податоци за курсот, височината и брзината. Воени радари последен пат го регистрирале авионот во 2.14 часот, кога бил над Молучкиот проток помеѓу Јужно Кинеско Море и Андаманско Море. Тоа е последната трага што ја оставил авионот. Огромна мистерија е и тивкиот и конечен „пинг“ од исклучениот комуникациски систем АКАРС, што сателит го регистрирал изутрината во 8.11 часот, но не открил од каде точно. Во периодот од нецели шест часа, авионот можел да биде во круг со широк дијаметар, од Казахстан, па до Австралија.
Испитани беа метални остатоци и торби исфрлени на брегови сѐ до Африка, бродови „прочешлаа“ огромна територија од Индија до Австралија, но пронајдени се само 30 парчиња на брегот на острови во Индиски Океан и во Источна Африка за кои може со сигурност да се тврди дека на 11 март 2014 година биле во „боингот“.
Десет години не е пронајдено ниту едно тело од патниците или членовите на екипажот. Роднините на патниците немаат мирен сон, зашто во нив десет години тлее мислата дека можеби уривањето не било фатално за сите во авионот.
Роднините на 40-те кински патници решително ја отфрлија скромната парична компензација што им ја понуди компанијата „Малезија ерлајнс“. Тие ја тужеа авиокомпанијата и производителите на авионот („Боинг“) и на моторот („Ролс Ројс“), барајќи пред сѐ одговори што се случило и чија била одговорноста, но и компензација што ја сметаат соодветна за своите страдања и страдањата на патниците.

Далеку од тоа дека некој не го барал авионот или настојувал да прикрие информации. Потрагата по летот „МХ370“ е една од најобемните и најскапите операции во историјата на воздухопловството. Досега биле вложени повеќе од 200 милиони долари. Пребарана била морска површина на територија од 1.800 на стотина километри. Подморници пребарале уште 1.800 квадратни километри морско дно. Немало ништо, дури ни во водите кај Фриментл Харбор кај Перт, кои анализите и пресметките го издвоија како најверојатно место за остатоците од авионот.
Малезиските власти два пати отвораа и затвораа истраги. На 17 јануари 2017 година владите на Малезија, Кина и на Австралија објавија дека „привремено“ ја прекинуваат потрагата сѐ додека не бидат откриени „кредибилни докази за локацијата на авионот“. Следната година Куала Лумпур отвори нова потрага, прифаќајќи да ја финансира само ако бидат откриени остатоци. Во конечниот извештај, со датум од 31 јули 2018 година, се заклучува дека „не се знае што се случило со летот МХ370“.
Спроти десеттата годишнина, малезискиот министер за транспорт Антони Локе најави можност за нова истрага, на чие чело би била компанијата „Оушн инфинити“ од Тексас. Малезија би дала дозвола ако тексашката компанија претстави „кредибилни докази“, а операцијата би била финансирана од владата само ако бидат пронајдени остатоци.
– Владата е решена да го лоцира „МХ370“. Навистина се надеваме дека ќе го пронајдеме авионот и дека ќе им овозможиме на роднините да ја дознаат вистината – изјави министерот Локе.


