Депонијата „Русино“ кај Гостивар отсега ќе прима отпад од сите полошки општини
Депонијата Русино кај Гостивар, каде во моментот се фрла отпадот само од општина Гостивар, со формирање на меѓуопштинско претпријатие, ќе прима отпад од целиот полошки регион, објави ТВ21.
Ова го потврдува директорот на Центарот за развој на Полошкиот регион, Фатмир Саити, кој вели дека се создадени технички услови и другите општини од регионот да почнат да го фрлаат отпадот во „Русино“.
„Создадени се услови, имаме технички услови, ќе се консултираме и со консултантите за да видиме што можеме да направиме со цел и другите општини, не само Гостивар, да можат да го фрлаат отпадот и технички се приближуваме до фазата кога и другите општини ќе го фрлаат отпадот во Русино“, посочи Саити.
Како ќе функционира депонијата? Општините кои овде ќе го фрлаат отпадот, ќе плаќаат по 10 евра за тон, а ова според Саити ќе донесе профит и за претпријатието.
„На предлог на Министерството и консултантите, во износ од 10 евра по тон, и по усвојување на оваа одлука од регионалниот совет, истата одлука ќе треба да помине и во општинските совети о така да стане правосилна. Мислам дека е во интерес на сите општини и граѓаните, затоа не очекувам доцнење за да помине оваа одлука“, додава Фатмир Саити.
Во моментов во депонијата „Русино“ отпад фрла само општина Гостивар, додека другите општини од Полог имаат проблем со менаџирањето на отпадот.
Палењето на депонијата Русино беше причина за чести протести во Гостивар, сѐ додека Министерството за животна средина не се договори со еколошките здруженија таа да остане депонија уште пет години, а потоа да се побара нова локација.