Денеска Македонија се простува од поранешната репрезентативка: Јулија Николиќ беше лавица во ракометот и во животот

Јулија Николиќ ненадејно почина од срцев удар на 38 години/ фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Македонија завчера беше потресена од ненадејната смрт на познатата некогашна ракометарка Јулија Николиќ (Портјанко), која почина од срцев удар. Гордана Нацева, соиграч на Николиќ од репрезентацијата и од Кометал Ѓорче Петров, ни ја опиша личноста на Јулија

Нашата позната некогашна ракометарка Јулија Николиќ (38) завчера ненадејно почина од срцев удар.
Драматичноста и ненадејноста на оваа трагедија како гром од ведро небо ја потресе македонската јавност, дотолку повеќе што Јулија беше на млада возраст и немаше здравствени проблеми. Николиќ, со моминско презиме Портјанко, како репрезентативка и ракометарка на Кометал Ѓорче Петров и на Вардар остави длабока трага во нашиот ракомет. Беше ценета и сакана на и надвор до теренот.

Денеска е погребот на Николиќ (11 часот, Бутел). Гордана Нацева ја познава добро Јулија, нејзин соиграч од Кометал и до репрезентацијата и ја опишува како исклучителна личност.

Последен клуб во кариерата на Јулија Николиќ беше ЃРК Вардар/Фото: facebook.com/rkvardar

Беше извонреден борец и човек, во животот и во спортот. Се бореше како лавица да успее во се. Последен пат соработував со неа во Вардар, бев претседетел на клубот, а таа играше во тимот кога се пласиравме во фајнал-фор од ЛШ. Многу ни помогна во тој период. Во Кометал Ѓорче Петров дојде како многу надежен играч. Една од посилните ракометарки со кои сум соработувала. Јуле не се штедеше ни себеси, ни противникот. Беше неверојатен борец и професионалец, исклучителна личност. Секогаш беше ведра и насмеана – вели Гордана, и продолжува:

Имаше големо друштво како играч и подоцна кога се повлече. Постојано беше опкружена со пријатели. Во Кометал минавме една година и неколку месеци како соиграчи. Тогаш беше од помладите. Предизвикуваше симпатии кај сите бидејќи беше многу фер, коректна, позитивна – вели Нацева, која не може да се помири со заминувањето на Јулија.

 Неверојатна загуба. Никогаш со неа не сме имале проблем ни во клубот, ни во репрезентацијата. Таа зеде наше државјанство, сакаше да ни помогне таа 2008 година на Европското првенство во Скопје. Едноставно сакаше да и помогне на Македонија – вели Нацева, која е шокирана од заминувањето на млада и силна жена.

и ракометарите на Вардар и Монпелје и оддадоа почит на трагично загинатата Јулија Николиќ со едноминутно молчење/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Не можам да си објаснам како на една така физички силна личност да и се случи вакво нешто. На 38 години да замине?! Не можам да верувам. Ќе и дадеме почит на погребот. Колку што знам и Ракометната федерација на Македонија сака да и помогне на нејзината фамилија – вели Гордана која зборува и за биографијата на Јулија.

Знам дека уште од 14-годишна возраст излегла од Украина и сама се борела во животот. Стигна до тоа да стане репрезентативка на Македонија, се вклучи во животот во Скопје и во Македонија, создаде огромен број пријатели. Се омажи овде и создаде живот на спортист, а кога ја заврши кариерата, почна нов живот со други цели. Многу ми е жал – ни изјави видно потесената Нацева за својот соиграч кој остави длабока трага во женскиот македонски ракомет, со нејзините фантастични голови од бековската позиција и како голем борец во делот на одбраната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот