Денеска и утре во Скопје: Прв меѓународен форум за креативно културно претприемништво

Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), денеска и утре го организира првиот Меѓународен форум за креативно културно претприемништво. На настанот ќе се едуцираат учесници за креативното претприемништво преку интерактивни работилници и ќе се вмрежуваат со можност за идни партнерства. Поради околностите, настанот ќе се одржува комбинирано со физичко присуство, но и со виртуелно присуство и стриминг во живо.
Дводневната програма ја сочинуваат две форум-дискусии, работилница – една сесија на брзи состаноци („Speed dating”) и две сесии во кои ќе се споделат успешни и добри практики на креативно претприемништво од земјава.
За денеска се предвидени дискусии на теми „Креативните индустрии во време на ковид-19 и важноста на културното креативно претприемништво за земјите од Западен Балкан” и „Европските практики и предизвици во креативните индустрии и културно креативното претприемништво”.
Преку онлајн-платформата ќе говорат повеќе домашни и странски гости – претставници од партнерската организација КЕА од Брисел за промоција на креативното културно претприемништво и креативната индустрија, но и експерти кои имаат искуство и продлабочени знаења на темата креативно претприемништво од повеќе земји од соседството и од Европа.
За утре е најавена работилницата на КЕА што ќе се фокусира на одржување на креативниот екосистем низ Европа, како и пристап до финансии и креативни бизниси – како да се артикулираат различни извори на финансирање и како да се мешаат јавно и приватно финансирање.
– Преку форумот очекуваме дека ќе се зголеми интересот кај креаторите на политики и останатите клучни засегнати страни за вложување поголеми ресурси и инвестирање во политики и фондови кои би ги поттикнале младите лица кои дејствуваат во областа на културата и креативните индустрии да ги поврзуваат своите ресурси и таленти, а со тоа и директно ќе го применат моделот на креативно претприемништво. Ова ќе влијае директно и во полза на државата при креирање и хармонизација на националните стратегии и акциски планови во насока на културата и економијата. Форумот се реализира со поддршка од Министерството за култура на РС Македонија, наведуваат од УМПАКИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот