Денес е Светскиот ден на штедење: Македонските граѓани во банките чуваат 6,9 милијарди евра, но сѐ повеќе инвестираат и во акции
Радува фактот што се зголемуваат депозитите на граѓаните во банките, тоа е добро за економијата. Но, тоа дава можност и за наоѓање на алтернативни начини на инвестирање бидејќи историјата покажува дека тоа е подоходовен начин на вложување отколку во банките, вели Коста Костадиновски, инвестициски советник
Речиси 6,9 милијарди евра имаат граѓаните во банките. Дел од нив се редовни приливи од кои постепено повлекуваат пари за трошење во месецот, а дел се заштеди. Денес се одбележува Светскиот ден на штедење, но она што некогаш значеше само штедење во банки или штедилници, сега има многу повеќе облици, како што е купување на хартии од вредност на домашниот и странскиот пазар, влогови во инвестициски фондови, купување на инвестициско злато или разни видови на животно осигурување.
Препорачано
Инвестициските експерти велат дека иако и понатаму банкарското штедење е основниот облик на вложување на слободните пари, јасен е трендот на зголемување на интересот за инвестирање. Во банките пак, депозитите на домаќинствата се зголемиле за дури 13,6 проценти, ако се спореди состојбата од август со ланскиот август.
„Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6 проценти, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите“, соопшти денес Народната банка по одржаниот Совет.
Од 2019 година правните и физичките лица можат да вложуваат во недвижности и хартии од вредност во странство. Според познавачите се повеќе граѓани се интересираат да вложуваат во странски компании. Колку пари вака се врзани нема прецизен податок.
Коста Костадиновски, инвестициски советник во „Капитал ассет менаџмент“ вели дека навиките на граѓаните се менуваат и тие сè повеќе одлучуваат да ги инвестираат своите пари на меѓународниот пазар на капитал.
-Радува фактот што се зголемуваат депозитите на граѓаните во банките, тоа е добро за економијата. Но, тоа дава можност и за наоѓање на алтернативни начини на инвестирање бидејќи историјата покажува дека тоа е подоходовен начин на вложување отколку во банките – вели Костадиновски.
Тој објаснува дека најпопуларно е вложувањето во акции на компании кои остваруваат раст и од кои може да се добие дивиденда.
-Секако, за секого се прави поединечно портфолио, но ова е највообичаениот и почетнички начин на вложување. Ние како чинители во инвестицискиот свет сме подготвени да дадеме најдобра можна услуга и квалитетни совети за пласирање на подолгорочните слободни средства – вели Костадиновски.
Податоците и од Македонската берза покажуваат раздвиженост. Извештајот за првото полугодие од 2025 година покажува дека прометот е зголемен за 12,8 проценти во однос на истиот период од 2024 година, бројот на трансакциите се зголемил за 14,8 проценти, а МБИ10 пораснал за 37,13 проценти!
Сепак, банкарското штедење има и една друга димензија – а тоа е можноста преку овие пари да се кредитираат граѓаните и населението. Вкупните депозити на граѓаните и на фирмите заклучно со септември биле 10,2 милијарди евра, а вкупните кредити изнесувале 8,7 милијарди евра.
Светскиот ден на штедењето е воведен на 31 октомври 1924 година во текот на Првиот меѓународен конгрес на штедилници (Светско друштво на штедилници) во Милано, Италија. Идејата наишла на одобрение од 29 земји кои сакале да ја потсетат светската јавност на важноста на штедењето за економијата и за поединецот.


