Ден на Европа – оваа година се слави под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“
По повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Владата денеска организира свечена церемонија под слоганот „Победа, принципи и вредност“, во чии рамки премиерот Христијан Мицкоски ќе положи свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата и ќе се обрати пред присутните.
Препорачано
Денот на Европа во земјава се слави со кампања којашто ќе трае цел месец мај. Почетокот на кампањата „Мај – месец на Европа“, во понеделникот го означи вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, заедно со евроамбасадорот во земјата Михаил Рокас, други амбасадори на европски земји, меѓународни партнери и претставници на домашните институции.
Со оваа иницијатива Владата има цел да оди подалеку од традиционалното одбележување на Денот на Европа на 9 мај и да го претвори целиот месец мај во заедничка платформа за промоција на процесот на европска интеграција и негово доближување до граѓаните.
Делегација на ЕУ во земјава денеска во Градскиот парк во Скопје ќе биде домаќин на централниот настан за оваа година одржан по повод Денот на Европа, кој ќе биде отворен за сите граѓани. Од 11:00 до 18:00 часот, просторот околу летната сцена „Школка“ ќе биде организиран во неколку тематски области, нудејќи забава за посетителите од сите возрасти.
На Денот на Европа во Скопје ќе има по нешто за секого: од игри и забава организирани од земјите-членки на ЕУ, од делот за храна (Slow Food and Food Corner) и штандови со рециклирани предмети (Combo Creative Studio) до можноста за учење за растенијата и урбаното зеленило (Cvetko) или локални еколошки бизниси (Yes for Less).
Денот на Европа ќе биде збогатен со музичка програма со настапи во живо на танцовата компанија „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“ , Емили Нас и Мартина Пенева.
Денот на Европа ќе заврши на зајдисонце, кога зградата на Владата на Северна Македонија ќе биде осветлена во сино.
Програмата за Денот на Европа за 2026 година, под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“ се организира од Делегацијата на Европската Унија, мрежата на Јуроп Хаус и амбасадите на земјите-членки на ЕУ. Целосната програма е достапна на https://link.europa.eu/Nhb7kG и на социјалните медиуми на Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус.
Денот на Европа e прогласен за празник на ниво на ЕУ и е неработен ден за вработените во европските институции. Меѓу членките на ЕУ, 9 мај е државен празник само во Луксембург, додека во Романија тој се поклопува со Денот на независноста на земјата. По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот. Денеска, на самиот Ден на Европа, во земјите членки на ЕУ ќе се одржат бројни активности, настани и концерти.


