Демократски сојуз бара експертска влада со мандат од 20 дена

Демократскиот сојуз смета дека градењето единство во врска со нашите стратешки, национални и граѓански интереси е од витално значење за деблокада на евроинтеграциските процеси и владеење на правото.

СДСМ и ДУИ во јуни, 2022 година прифатија Преговарачка рамка, без пошироки консултации, со што го блокираа евроинтегративниот процес, загрозувајќи ги европските перспективи на државата и идентитетските обележја на македонскиот народ. Сега, кога има повик за градење на поширок меѓупартиски консензус и единство, Демократскиот сојуз ги отвора прашањата кои се од круцијална важност за Македонија: Прво, темелни реформи на изборните правила и Македонија да биде една изборна единица, со еднакви шанси на сите партии и без трошење пари од Буџетот за изборни кампањи. Второ, реформи на судскиот систем, преку уставни измени, ограничување на мандатот на судиите и ефективен систем за одговорност. Трето, донесување на Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и формирање на независна Агенција за негово спроведување, се наведува во соопштението од Демократскиот сојуз.

Тие велат дека се за укинување на законските решенија за формирање на Техничка (Пржинска влада), чие формирање според партијата „ги разорува институциите, посебно Министерството за внатрешни работи, кое при формирање на техничка Влада целосно се партизира, со менување на началници на сите носечки сектори итн“.

ДС е за тоа да се разгледа можноста за формирање експертска Влада, со мандат од дваесет дена, додека трае изборната кампања и тоа составена од експерти (по примерот на Грција или други држави). Во услови на големи геостратешки безбедносни предизвици, да се изгради стратегија за позициите на Македонија, усогласување на нашите политики со политиките на нашите стратешки партнери, посебно со САД и стратегија за деблокада на евроинтеграциските процеси со конкретни чекори, барање поддршка од стратешките партнери. Зад прашањата за кои ке се постигне консензус треба да застанат сите партии и да ги остават партиските и лични интереси, бидејќи се работи за иднината на државата, пишува во соопштението од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот