Делото „Пиета во прекривките на ургентноста“ од Велимир Жерновски е претставено пред светската јавност во Венеција
Со претставување на проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ (Will my eyes be closed or open?) на уметникот Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес, од 8 мај е отворен македонскиот павилјон на најпрестижната меѓународна изложба на современата уметност во рамките на 61. Биенале на уметноста, што се одржува од мај до ноември 2026 година во Венеција.
Препорачано
Македонскиот павилјон е сместен во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“, историски сакрален простор во Венеција, со препознатлива архитектура и автентичен амбиент, кој сведочи за неговата поранешна духовна функција.
Учеството на нашата држава на Венециското биенале, кое е целосно поддржано од Министерството за култура и туризам, претставува дел од долгорочната стратегија за интернационална промоција на македонската култура и уметност.
Пред присутните на отворањето на изложбата се обрати државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, која во своето обраќање истакна дека учеството на Република Македонија претставува „јасна потврда дека македонската култура има што да каже на јазикот на современата уметност“.
Говорејќи за делото на Жерновски, Ѓоргова посочи дека станува збор за силен и слоевит уметнички израз, во кој класичниот мотив на Пиета е трансформиран во современ визуелен јазик што ги поврзува историското наследство и актуелните состојби во светот.
Таа ја истакна и симболиката на „златните“ заштитни фолии, кои, како што рече, се истовремено и заштита и аларм, потсетник на времето на кризи, но и на потребата човечноста повторно да биде осмислена.

Куратор на годинашното Уметничко биенале во Венеција е Којо Куо, а темата е „Во молски тоналитет“ („In Minor Keys“) – концепт што ги истражува суптилните, интимните и често маргинализирани наративи во современото општество. Темата ја поставува уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор, отворајќи прашања за ранливоста, меморијата и човечкото искуство во услови на глобални предизвици.
На годинашното Биенале учествуваат над сто уметници и се претставени над 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени до политички конфликти и идентитетски прашања.
Организатор на нашето претставување е Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Куратори се Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес, а комесар е Авни Ќаили.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 331, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.5.2026)


