Плакат за претставата „Хелверова ноќ“ во продукција на ЗУКЦ „Медиа Артес“ – Охрид

Делото „Хелверова ноќ“ на полскиот драматург Ингмар Вилквист се поставува во Охрид

На малата сцена на НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид на 17 ноември, со почеток во 20 часот, ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Хелверовата ноќ“ во продукција на ЗУКЦ „Медиа Артес“ – Охрид. Претставата е во режија на Александар Јовановски, а во неа играат Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ.

Заснована на истоимената драма на најпознатиот современ полски драматург, режисер и професор Ингмар Вилквист (алијас Јарослав Свијершч), напишана во 1999 година, претставата на суптилен и потресен начин ја прикажува чудната врска помеѓу мајка и посинок – млад човек со посебни потреби.

Преку слоевитиот однос мајка-дете, старател-штитеник, брат-сестра, маж-жена, џелат-жртва, авторот гради интимна приказна за две различни суштества што се обидуваат да најдат смисла и сигурност во свет кој секоја „различност“ ја дочекува со насилство и осуда.

Во атмосферата на тоталитарниот, фашистички занес од 1930-тите, „Хелверовата ноќ“ ја разоткрива трагичната судбина на оние кои не припаѓаат на мнозинството – оние за кои едноставно нема место во таков свет.

Според оригиналниот/истоимениот текст на Ингмар Вилквист, преводот го направи Јасмина Билаловиќ, режијата и драматуршката адаптација е на Александар Јовановски. Автор и изборот на музиката е на Лука Тошев. На претставата работат и Симона Димковска како сценограф, Павел Маслов како костимограф, но и на шминка и фризура, дизајнот на светло е на Александар Јовановски, тон-мајстор е Митко Серафимовски, светло-мајстор е Илија Левески, сценски работник е Ѓоко Китоски. Дизајнот на плакатот е на Филомена Дода.

Проектот е дел од Годишната програма на ЗУКЦ „Медиа Артес“, финансиска поддршка има од Општина Охрид, а логистичка поддршка доби од КСП „Центар-Јадро“ од Скопје и НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 307, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот