ФОТО | Дел од Ајфеловата кула оди на аукција – историско скалило старо повеќе од еден век
Дел од оригиналното скалило на Ајфелова кула ќе биде ставен на аукција во Париз следниот месец, нудејќи ретка можност за колекционерите да поседуваат парче од еден од најпознатите светски споменици, пишува Си-ен-ен.
Препорачано
Станува збор за сегмент од спиралното скалило што ги поврзувало вториот и третиот кат на кулата при нејзиното отворање во 1889 година, за време на Светската изложба по повод 100-годишнината од Француската револуција.
Металната конструкција, изработена од челик и заковувани лимови, има 14 скалила, висока е 2,75 метри и има дијаметар од 1,75 метри – што значи дека потенцијалниот купувач ќе мора да има не само „длабок џеб“, туку и доволно простор дома.
Аукцијата ќе ја организира куќата „Арткуриал“ на 21 мај, а се очекува ова историско парче да достигне цена меѓу 120.000 и 150.000 евра.

Ова скалило било дел од оригиналната структура на кулата која со децении ја користеле посетителите, сè до 1983 година, кога при голема реконструкција било демонтирано и заменето со лифтови.
Од тогаш, деловите од скалилото се распродадени, а повеќето останале во приватни колекции. Некои сегменти денес се изложени во музеи, меѓу кои и музеј Орсе и Градот на науките и индустријата во Париз, како и во други делови од светот.
Според организаторите, сегментот што ќе се продава е целосно реставриран и никогаш не бил изложен надвор од затворен простор.
„Ова не е само парче историја, туку вистинско патување низ времето. Замислете се во 1889 година, на ова скалило, високо меѓу 113 и 276 метри, со поглед од 360 степени кон Париз“, изјави Сабрина Дола од „Арткуриал“.
Интересот за вакви предмети е голем – најскапиот дел од скалилото досега е продаден за повеќе од 500.000 евра во 2016 година.


