
Дејан Трпевски: „Партизанска“ е претворена во маалска улица со преголем број пешачки премини и семафори
Сообраќајниот инженер тврди дека еден дел од безбедноста во сообраќајот отпаѓа на образовниот систем, односно на отсуството на сообраќајната култура во основното и средното образование. Трпевски смета дека оваа штета е ненадоместлива и дека генерациите коишто сега стануваат возачи, се лишени од елемнтерната сообраќајна писменост
Булеварите имаат намена да го носат сообраќајот од едната страна на градот до другата, за што е можно пократко време. Значи тоа не се улици на кои вие можете да застанувате, да паркирате, да влегувате во двор. Тоа се сообраќајници на кои треба да се движите со релативно поголеми брзини и да поврзуваат одредени делови од градот. Проблемот во конкретниот случај со „Партизанска“ е што важноста ѝ е намалена, односно дерогирано ѝ е значењето и улицата е претворена во обична маалска улица, со голем број поставени пешачки премини, со голем број семафори, коишто во голема мера ја намалуваат брзината на движење, а со самото тоа се создава метеж, вели сообраќајниот инженер Дејан Трпевски.
Препорачано
Тој за Слободен печат вели дека во големите европски метрополи на булеварите речиси никаде нема пешачки премини, со тоа тие се побрзи за минување, а се избегнуваат и фаталните точки, коишто се особено опасни за пешаците.
– Преминувањето е решено со подвозници и надвозници. Што повеќе фатални точки имате на еден булевар, за очекување е да имате и поголем број сообраќајни несреќи. Со намалувањето на фаталните точки се намалува и бројот на сообраќајни незгоди. За „Партизанска“, како и за другите булевари се потребни големи инвестиции за да се зголеми безбедноста. Но мора да кажеме дека безбедноста не се состои само од инфраструктурата, туку од повеќе делови – вели тој.
Сообраќајниот инженер тврди дека еден дел од безбедноста во сообраќајот отпаѓа на образовниот систем, односно на отсуството на сообраќајната култура во основното и средното образование. Трпевски смета дека оваа штета е ненадоместлива и дека генерациите коишто сега стануваат возачи, се лишени од елемнтерната сообраќајна писменост.
– Третиот елемент на безбедноста во сообраќајот е казнената регулатива, односно превентивно делување под закана за казна. Целиот овој систем кај нас е максимално деранжиран и целиот овој систем не може да функциори без уште еден дел, а тоа е контролниот механизам во кој главна улога имаат органите на Министерството за внатрешни работи – додава Трпевски.
За немилиот настан од пред неколку дена, кога во сообраќајна несреќа животот го загуби младата Фросина Кулакова, Трпевски вели дека тука никаква едукација не можела да помогне, туку само стравот од санкција би имал одредена улога во спречувањето на несовесниот возач.
– Ако некој решил да вози без возачка дозвола, во тој случај никаква едукација не помага. За конкретната ситуација, имам некои информации дека не е прв пат тој да вози без дозвола и тука едукацијата нема да помогне ни сега ни претходно. Значи тука е изграден таков карактер и вие со едукација не можете да делувате. Инфраструктурата е таква кава што е и тука не можело да се делува во моментов и затоа заканата од репресија е единствена што можела да помогне – вели Трпевски.
Тој предлага за поголема безбедност во сообраќајот сите униформирани полицајци да носат камери, со цел да се сними секоја сообраќајна контрола и на таков начин би се избегнале сите протекции и обиди за корупција, што несомнено би довело до побезбедни улици.