Контрола на летање на скопскиот аеродром / Фото: МИА / архива / илустрација

Дефект на главната радиостаница на Солунска Глава — контролата на летање останала без комуникација со дел од авионите

Сериозен технички дефект на главната радиостаница на Солунска Глава предизвикал рестрикции и затворање на дел од воздушните патишта на пониски височини во македонскиот воздушен простор, објави „4њуз.мк

Според официјалните воздухопловни известувања (NOTAM) кои беа издадени, Контролата на летање во Скопје (М-НАВ) се соочила со значителни проблеми во комуникациската опрема, што директно влијае на нормалното одвивање на воздушниот сообраќај.

Контролор на летање од М-НАВ во разговор со нас ни рече дека за момент се изгубил целосно сигналот за комуникација и дека во моментов немало бекап систем кој би можел да се активира.

Во НОТАМ известувањата во кои редакцијата имала увид, јасно се наведува дека поради прекин на микробрановата мрежна конекција со IP радио станиците, главната VHF антена на Солунска Глава е надвор од употреба. Ова резултира со намалена радио покриеност, при што е нотирана можност за целосно губење на врската со авионите кои летаат под 4.100 метри.

Дополнително, во јужниот и југозападниот дел од земјата, односно на потегот покрај границите со Грција и Албанија, ризикот од губење комуникација со скопската контрола постои и за летовите на повисоки нивоа – под 5.900 метри.

Поради неможноста да се гарантира безбедна и континуирана комуникација, воведени се итни безбедносни мерки. Сите воздушни патишта во критичниот регион под 4.100 метри се целосно затворени за сообраќај, со што авионите се принудени да летаат на поголеми височини каде што сигналот од другите станици е сè уште достапен.

Овој дефект директно го погодува и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Стандардните воздухопловни рути за пристигнување (PEP 2 STAR) кои се потпираат на радио-фарот во Пепелиште се недостапни. Истовремено, авионите кои полетуваат од Охрид се соочуваат со строги ограничувања – тие не смеат да ги користат стандардните рути за заминување доколку немаат капацитет брзо да се искачат над 6.100 метри (FL200) пред да стигнат до одредени навигациски точки. Ограничувања има и за користењето на воената и тренажна зона TSA01, која сега е достапна исклучиво на височини меѓу 6.100 и 7.300 метри.

Официјална потврда за објавите нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот