
Децата што примиле 3 дози против пертусис изминатите шест месеци, ќе може да одат во градинка под услов ревакцината да им е закажана
Децата што примиле три дози Ди Те Пер вакцина во последните шест месеци ќе може да посетуваат градинка, под услов во наредните шест месеци да се ревакцинираат. Ваков е предлогот на Комисијата за заразни болести кој ќе му биде доставен на разгледување на министерот за здравство Илир Демири. Откако Демири ќе го одобри ова и ќе им го искомуницира на инспекторите од здравствениот инспекторат, децата кои ги исполнуваат овие услови ќе може да се вратат во градинките.
Препорачано
-Сакам да потенцирам дека состојбата не е добра, не е стабилна, а до таму сме се довеле поради неодговорно однесување на многу граѓани со години наназад. Податокот дека 50 проценти од децата во градинките се невакцинирани е поразителен за државата. Тука мора многу да работиме. Имаме разбирање и научна поткрепа дека овој олабавен начин на проценка на имунитетот со трите дози помага. Но не знам до кога ќе остане. Сега имаме над 200 заболени во државата и тој број ќе расте. Можно е наредните недели да излеземе со построги мерки зависно од развојот на ситуацијата, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести професор доктор Александар Петличковски.
Тој вели дека трите дози не се доволни за траен имунитет.
-Трите дози не се доволни засекогаш. Инсистираме за примена на календарот на имунизација. Апелираме до градинките проверката на картоните да е поинтензивна и поригорозна. И да се проверува и дали е примена вакцината против морбили. Овој пожар имаме шанса да го изгаснеме пред да почне, а пред почнување е пожарот, додаде тој.
Професор доктор Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, рече дека од медицински аспект вакцинираното дете со три дози во последните шест месеци, ќе биде оптимално заштитено за да може да продолжи во градинка, ама под услов ревакцината да биде примена во наредните шест месеци.
-Задолжително е да се прими ревакцината наредните 6 месеци. Приоритет е здравствената заштита на детето. Епидемиолошката состојба е далеку од добра. Бројот на заразени се зголемува. Имаме случаи во училиштата и во градинките. Под ризик ќе бидат донесени и возрасните. Дете кое ќе биде вака вакцинирано, со три дози, ќе биде заштитено но далеку од она што треба да се постигне со три дози и две ревакцини. Тоа дете треба да функционира, но да знаеме дека епидемијата ќе добие продолжен тек. Затоа апелираме родителите најитно да се упатат кај вакциналните тимови и редоследот на вакцини да го почитуваат, рече доктор Грозданова.
Таа потсети дека од октомври Комитетот за имунизација предупредува дека во регионот има епидемија на пертусис, поконкретно во Хрватска. Сега такво предупредување испраќаат за епидемијата на морбили во регионот и да се засили и примањето на МРП вакцината иако уште нема случаи на морбили во Македонија.
-Во октомври посочивме дека пертусис доаѓа од Хрватска накај нас. Тоа се потврди. Сериозен апел испраќаме и за морбилите и МРП вакцината да се прими. Секаде во регионот има морбили. Еднаш се соочивме со таа ситуација. Навистина, да се подигне првенствено свеста кај родителите и граѓаните дека мора делот за превентивата да го запазиме со цел здрави поколенија и деца. Ваква здравствена криза воопшто не ни е потребна, а уште помалку ни е потребно две епидемии да ни се случат истовремено. Со ваков низок опфат ризикот е сериозен. Секоја наредна мерка ќе биде се поригорозна, доколку сме во епидемија, истакна доктор Грозданова.
Таа додаде дека секое дете кое дошло да прими Ди Те Пер вакцина, може да прими и МРП вакцина ако таа е пропуштена, во истиот ден, во различна рака, а за тоа има и официјална дозвола од Комитетот за имунизација испратена до вакциналните пунктови.
-Не случајно е дефиниран календарот за имунизација. Идеално е да се вакцинира детето според календарот. Се друго е правење отстапки од ефикасна заштита на детето против болест. Календарот е тоа што треба да се почитува, подвлече Грозданова.
Комисијата за заштита на населението од заразни болести потсетува дека не постојат „потврди за привремена спреченост од вакцинација“ кои родителите деновиве засилено ги бараат од матичните лекари и од клиниките.
-Постојат само потврди за трајна спреченост за вакцинација и се издаваат од Клиниката за детски болести со лекарски конзилиум. Но тие потврди издадени за „привремена спреченост за вакцинација“ издадени од матичен лекар или било кое друго место не се валидни, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Петличковски.
Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица.
Ќе им попушти ли Комисијата за заразни болести на оние што пропуштиле вакцини против голема кашлица?