Ќе им попушти ли Комисијата за заразни болести на оние што пропуштиле вакцини против голема кашлица?

Вакцинација /фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Над 170 случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава од почетокот на годината, од кои најголемиот дел се во Скопје. Од 11 март е забранет прием во градинките за невакцинирани и нецелосно вакцинираните деца со Ди Те Пер вакцината. Министерот за здравство Илир Демири најави дека денеска во 12 часот напладне Комисијата за заразни болести ќе заседава за да биде појасно за родителите и за вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца важи за тие што не се вакцинирани со три дози (примовакцинација на два, четири и шест месеци возраст на детето) или и за тие што не ја примиле ревакцината која се дава на 18 месеци.

– Ако дете на две ипол години кое досега не било редовно вакцинирано, вчера ја примило третата доза на Ди Те Пер вакцината, најрано што може да ја прими ревакцината е за шест месеци и тогаш да појде во градинка, рече за „Телма“ претседателката на Националниот комитет за имунизација професор доктор Александра Грозданова.

На прашањето дали можеби треба да се промени одлуката во однос на тоа да се дозволи деца да одат во градинка без ревакцината која се прима на 18 месеци, здравствените експерти вклучително и портпаролот на Комисијата за заразни болести доктор Злате Мехмедовиќ одговорија негативно.

-Ова е Календар за имунизација кој не е нешто ново, туку се применува во целиот свет, објасни доктор Мехмедовиќ.

Тој истакна дека секоја отстапка што би се правела за да се задоволат барањата на поединечни случаи, само ќе ја пролонгира епидемијата од пертусис.

Професор доктор Катерина Ставриќ истакна дека оправдувањата на родителите дека имало пандемија со коронавирус, не се оправдани зашто пандемијата заврши пред една година и имале доволно време да ги надополнат пропуштените дози согласно редовниот календар за имунизација. Според неа, не треба единствениот мотив за детската вакцинација да биде одењето во градинка, туку треба да се сензибилизира јавноста дека вакцините се за заштита на здравјето, за да не се враќаат вакцинопревентабилни болести.

Сепак, официјално денеска Комисијата за заразни болести ќе одлучува дали ќе се направи отстапка со која на децата кои се нецелосно вакцинирани против пертусис согласно возраста, а имаат закажано термин, ќе им се дозволи да ги посетуваат градинките. Засега сите се ставени во ист кош, и оние кои се невакцинирани и оние кои не можат да бидат вакцинирани зашто подоцна ја примиле вакцината. Во Скопје е прогласена епидемија од голема кашлица а здравствените инспектори издадоа забрана градинките да не ги примаат невакцинираните и нецелосно вакцинираните деца, независно од причината. Родителите се жалат дека нема како да одат на работа, егзистенцијата им е загрозена, а следниот датум за закажана вакцина против Ди Те Пер им е за неколку месеци.

-Во моментов имаме подигнато портокалово знаме. Не треба да чекаме да се прогласи епидемија на државно ниво за да пристапиме на зголемување на вакциналниот опфат. Жалам што одредени деца се вакцнирани со задоцнување. Но, според Законот за здравствена заштита принципот на вакцинација за Ди Те Пер важи со три дози во вториот, четвртиот и шестиот месец од животот. Ако е завршена оваа вакцинација, тука се работи за пациент кој е вакциниран. А после следат ревакцинациите на 18 месеци и седумгодишна возраст. Забраната треба да важи за пациенти кои не се вакцинирани, смета министерот за здравство доктор Илир Демири.

Нема ни унифициран став дали ревакцината треба да се прими 6 месеци после третата доза, или пак една година после третата доза. Правилникот за имунопрофилакса е дециден дека првата ревакцина се прима после една година, ама на терен, во Скопје, вакцинираат и после шест поминати месеци. Според податоците 14 илјади деца во Скопје се нецелосно вакцинирани.

Доктор Лилјана Ристовска Деспотовска, генерален инспектор во Државниот здравствен и санитарен инспекторат вели дека до вчера,  вкупно се извршени 47 инспекциски надзори во Јавни установи-детски градинки и 2 инспекциски надзори во приватни градинки на територија на град Скопје и 22 објекти на територијата на државата.

Поголема е бројката на некомплетно вакцинирани деца кои доцнеле со примање на првите три дози заради кое се поместува и првата ревакцина и тоа во Јавните установи. ДСЗИ не се соочува со проблеми од антиваксерски движења но голем е бројот на телефонски повици од родители кои бараат појаснување на мерката невакцинирани односно некомплетно вакцинирани деца. ДСЗИ со решение наложи мерка – забрана за прием на деца кои се невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца на територијата на град Скопје со оглед дека епидемија е прогласена за таа територија. Но согласно Налогот на Министерот за здравство за вршење на вонредни инспекциски надзори на територијата на Република Северна Македонија, ДСЗИ ја почитува таа Наредбата и отпочна со вршење на надзори и скенирање на состојбата со прием на деца без уреден вакцинален статус и во другите градови, вели доктор Ристовска Деспотовска за „Слободен печат“.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат доктор Рената Младеновска во понеделникот информираше дека половината од децата кои одат во скопските градинки се невакцинирани или се нецелосно вакцинирани. Состојбата во градовите од внатрешноста не е таква, туку е дијаметрално спротивна и таму вакцинирани се 95 проценти од децата на предучилишна возраст со вакцина против голема кашлица.

За нискиот опфат на вакцинација против голема кашлица се дискутирало и вчера на средбата меѓу министерот за здравство Илир Демири и претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани.

– УНИЦЕФ ја изрази својата подготвеност да продолжи со поддршка за зајакнување на здравствениот систем и спроведување комуникациски активности, за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините. Во тој контекст, значајно е и воведување систем за управување со дезинформации и погрешни информации во врска со вакцините и процесот на вакцинација во Министерството за здравство, информираа од Министерството за здравство преку соопштение.

Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар во вакциналниот пункт „Букурешт“ за МИА изјави дека бројот на посети од понеделникот е тројно зголемен.

Како што појасни таа, две третини од посетите се деца со пропуштена ревакцина Ди Те Пер.

– На дневно ниво во двете смени се аплицираат околу 120 вакцини. Дополнително сме оптоварени и со административна работа околу издавањето потврди за градинка, кои според решенијата од ДСЗИ бараат сите деца постари од 20 месеци да имаат примено четири дози ДиТеПер вакцина. Тоа е дополнителен проблем за родителите на децата кои сега првпат почнуваат да се вакцинираат со оглед на тоа дека најкраткото растојание од првата до четвртата доза е девет месеци, појасни Цилевска-Младеновска.

Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот