Децата ни пишуваат со моливи и пенкала од Кина, Турција и Германија, се трошат по 500 илјади долари за увоз

Школски прибор / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Од книжарниците што нудат ваков прибор, за „Слободен печат“ велат дека нивниот период кога остваруваат најголема продажба почнува од крајот на август и трае до првата половина на септември. Во тие денови родителите трошат и по половина од нивната плата за да ги опремат децата за почетокот на учебната година. Најтешко и најскапо минуваат оние што имаат првачиња

Македонските ученици пишуваат и цртаат со моливи и пенкала, од далечната Кина, а нив ги носат во ранци и куферчиња, кои исто така доаѓаат од оваа земја. Според достапните податоци на веб-страницата „Тренд економи“, вкупно 500 илјади долари, потрошиле лани увозниците на училиштен прибор, поточно за моливи, боички, пенкала и мини за пенкала, пастели, јаглени за цртање и креди за пишување или цртање. Странските експерти прецизно пресметале дека овој увоз претставува само 0,004 отсто од вкупниот увоз на стока во земјава во 2023 година.

Најголем дел од овие артикли што се продаваат низ домашните книжарници доаѓаат од Кина – дури 45 отсто. Увозот од Турција е со учество од 10,4 отсто, од Германија – 8,23 отсто, од Србија – 7,3 отсто, а нешто помал увоз на училиштен прибор сме имале и од Индија, Чешка, Хрватска, Словенија, Шпанија и Италија. Претходната 2022 година, од земјава се одлеале дополнителни 574 илјади американски долари за канцелариски и училишни артикли и материјали од пластика, вклучително и на училишни ранци и куферчиња, што нè вбројува како 157-ми најголем увозник на овие производи во светот, покажуваат податоците на и веб страницата на Опсерваторијата на економска комплексност.

Таму стои дека, Македонија увезува пластични канцелариски и училишни артикли и материјали првенствено од: Турција, Кина, Шпанија, Србија и Германија. Уште попрецизно, најбрзо растечките увозни пазари на пластични канцелариски и училишни артикли и материјали за Македонија меѓу 2021 и 2022 година биле Кина, Турција и Шпанија.
Од книжарниците што нудат ваков прибор, за „Слободен печат“ велат дека нивниот период кога остваруваат најголема продажба почнува од крајот на август и трае до првата половина на септември. Во тие денови, родителите трошат и по половина од нивната плата за да ги опремат децата за почетокот на учебната година. Најтешко и најскапо минуваат оние што имаат првачиња.

– Почнуваме од нула. Ги подготвуваме децата како што се подготвуваат невестите. Изборот на училиштен прибор е огромен, ама нашите џебови се плитки. Сè ни треба, а уште не сме почнале со опрема за физичко или со другите воншколски активности. Секој сака детето да му биде облечено во ново, да носи нов ранец или куферче, а книжарниците мамат со блескави бои и ликови на омилените детски јунаци. Мислам дека и ние родителите претеруваме, купуваме и она што им треба и она што не им треба. Погледнете ги контејнерите на 10 јуни, полни се со речиси нови боенки, вежбанки, боици, фломастери и шарени дидактички материјали, само еднаш отворени – вели една родителка од Скопје.

Книжарите велат дека секој септември е исто. Мора да се набави стока, иако продажбата на училиштен прибор е сезонска. Во останатите 11 месеци продажбата се „крпи“ со канцелариски материјали, куфери, канцелариски мебел и други најразлични ситници, меѓу кои најчесто играчки, па дури и тоалетна хартија. Последните години, големите трговски синџири им го „крадат лебот“ на книжарниците, натпреварувајќи се кој ќе донесе поевтина и пошарена понуда на училиштен материјал. Дел од колачот оди кај пазарџиите, кои исто така сезонски ги полнат тезгите со тетратки, ранци и друг прибор.

– Граѓаните се жалат дека училишниот прибор е скап. Сè доаѓа од увоз, мора да го купиме за девизи и да врземе средства. Продажбата на оваа стока наликува на она што се случува со лампионите. Мора да ги имате, скапи се, а се продаваат само една недела. Или да го земеме примерот со санките. Ги набавуваме за да имаме побогата понуда, а веќе четири години не паднал снег – поентираат дел од книжарите.

Во меѓувреме во голем број градови од земјава речиси и нема ниту една книжарница, или има само една, а најмногу две, но и тие се приспособуваат на пазарот за да преживеат.

Трговците го попишаа она што има остана, инспекторите ќе ги контролираат цените

Откако граѓаните искупија сè што им требаше, стигна „радосната“ вест дека Владата ја утврдила највисоката трговска (профитна) маржа за училишниот прибор на големо до 5, а во трговијата на мало до 10 отсто и ќе се применува до 20 октомври 2024 година.
Трговците во средата вечерта наголемо правеа попис на она што им останало за да ги дочекаат подготвено најавени инспекциски контроли. Граѓаните коментираат на шега дека оваа операција е „свадба по тапани“, а другите сметаат дека не е лошо сега да купат ранци, тетратки и боици за следната учебна година, оти којзнае дали повторно ќе имаат ваква можност“.

– Во случај да се утврди прекршување на Одлуката, ќе следуваат казни што произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот. Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту, пак, да влијае врз формирање цени во трговијата на големо и трговијата на мало. Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат – вели Горан Трајковски, директор на ДПИ.

Родителите од Белград добија по 10.000 денари државна помош

Она што е олеснителна околност за родителите во Белград е што семејствата ќе добиваат по околу 10.000 денари (20.000 динари) по дете што посетува основно или средно училиште. Пријавувањето за оваа државна помош почна на 22 април. Исплатата почна на 1 септември.

– Наместо бесплатни учебници, даваме можност за размена или наследување учебници, а секое семејство во Белград ќе добие по 20.000 динари по дете, кое оди во основно или средно училиште. Таа одлука ја нарековме „студентска помош“ – соопшти градоначалникот Александар Шапиќ.

Сите државни основни училишта во Словенија имаат учебници уште од 90-тите години на минатиот век. Учениците од прво до трето одделение добиваат учебници, работни тетратки и учебници со елементи од работни тетратки, а не се обврзани да ги вратат на крајот на учебната година. Учениците од четврто до деветто одделение добиваат и учебници бесплатно, но на крајот на учебната година се обврзани да ги вратат во училиштето, односно во фондот за учебници.
Од учебната 2018-2019 година и во Албанија се бесплатни учебниците за учениците од прво до четврто одделение. Учебниците се бесплатни и во Бугарија, Франција, Холандија и Португалија, а учениците се обврзани да ги вратат на крајот од годината. Во Австрија учениците ги добиваат сите учебници бесплатно и не се обврзани да ги вратат на крајот од учебната година. Слично е во Унгарија и во Шпанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот