Деца кои следат онлајн настава добивале изостаноци во е-дневник
Професорите им пишуваат изостаноци и на ученици кои наставата ја следат онлајн поради изолација или како последица на ковид. Како резултат на тоа има и такви кај кои во првото полугодие се евидентирани и по сто изостаноци, кои класниот раководител ги оправдува, но стравот од класен испит натера родител од Скопје да се обрати до редакцијата на Слободен печат со цел да алармира за неправдата која им се нанесува на учениците.
-Моето дете во првото тримесечие беше отсутно од физичката настава поради настинка, но реално не изостана ниту еден час бидејќи тие денови следеше онлајн настава. Истото се случи и неколку дена пред крајот на првото полугодие кога поради ковид-19 со лесни симптоми, наставата продолжи да ја следи онлајн. Сега во е-дневникот има запишано 56 оправдани часови, па ме загрижува дали ќе има реперкурсии понатака, зошто уште неколку дена отсуство од физичка настава, би имала над 100 оправдани часови, што е премногу за еден одличен ученик, а реално не била „оправдано отсутна“ ниту еден час туку поради болест наставата ја следеше онлајн, вели родителка на ученичка во 9-то одделение.
Од друга страна, професорка по македонски јазик која предава во едно од скопските средни училишта вели дека мораат да ги евидентираат учениците како отсутни поради нивната неажурност и нередовно приклучување на настава.
– Имам впечаток дека онлајн наставата се злоупотребува. Голем дел од учениците кои се пријавени дека наставата ќе ја следат од дома, не се вклучуваат на часовите, или се приклуваат на последните часови откако ќе се наспијат. Во тој случај ние како професори мораме да ги евидентираме како отсутни. Потоа, ако класниот раководител смета дека е исправно, ќе им ги оправда изостаноците, но тоа не е решение, бидејќи со повеќе од двеста изостаноци се оди на класен испит, а толкав број на изостаноци лесно се прават, вели професорката.
Таа нагласува дека злоупотребите се исклучително застапени за време на тестовите.
– Често се случува да добијат висока оценка ученици кои знаеме дека не се толку подготвени. Свесни сме за злоупотребите на учениците, затоа и имавме обиди тестирањата да ги вршиме во училиштето, одржувајќи протоколи, но добиваме реакција од родителите дека нема да ги пуштат нивните деца во училиштето бидејќи се плашат од вирусот. Во тој случај ние сме немоќни, а учениците се многу креативни кога станува збор за препишување, вели професорката по македонски јаизк.
Од Министерството за образование и наука велат дека не смее ученикот да се евидентира како отсутен ако посетува онлајн настава.
– Доколку ученикот посетува настава преку еден од понудените модели, тогаш не треба да му се евидентира отсуство. Доколку тоа се случи, ги охрабруваме родителите да реагираат преку Државниот просветен инспекторат. Досега до МОН не се пристигнати реакции за организирање на онлајн настава за ученици кои не посетуваат настава со физичко присуство поради оправдана причина, велат од Министерството.