Дебатата за нов државен грб ќе заврши пред да почне? Мицкоски ќе треба да го убеди Димитриевски и да ја разубеди Вреди

Ако Мицкоски успее да ги убеди владините партнери, нова пречка за промена на грбот е опозицискиот СДСМ, кој најави дека жестоко ќе се спротивстави на промена на државниот симбол, но и опозициската ДУИ која на маса, освен грбот, химната, „20 отсто“ со албански јазик, бара и Македонците да изберат национално знаме различно од државното.

Премиерот Христијан Мицкоски за да го смени државниот грб, прво ќе треба да го убеди владиниот партнер, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, но и да го разубеди албанскиот партнер во власта Вреди да се откаже од условите – освен грбот да се смени и химната, како и формулацијата „20 отсто“ со албански јазик. Димитриевски смета дека нема потреба грбот да се менува, зашто тој ја отсликува реалноста на современата македонска држава, на македонскиот народ и на сите етнички заедници.
Ако Мицкоски успее да ги убеди владините партнери, нова пречка за промена на грбот е опозицискиот СДСМ, кој најави дека жестоко ќе се спротивстави на промена на државниот симбол, но и опозициската ДУИ која на маса, освен грбот, химната, „20 отсто“ со албански јазик, бара и Македонците да изберат национално знаме различно од државното.

Според ова, дебатата за нов државен грб изгледно е да заврши и пред таа да почне, иако потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски не определи временски рок за измена на државниот симбол и, како што рече, важно е да се води аргументирана расправа која би резултирала со консензус.

ЗНАМ: Со дебатата за државниот грб ќе се отворат и други прашања

Димитриевски потврди дека Мицкоски досега со ЗНАМ не разговарал на тема нов државен грб иако, како што вели, секој предлог е вреден за разгледување. Според лидерот на ЗНАМ, со дебатата за државниот грб ќе се отворат и други прашања.

Максим Димитриевски Фото: Принтскрин

– Факт е дека еднаш имавме можност и го менувавме државниот грб, односно ја исфрливме петокраката што, исто така, е неодминлив дел од нашата историја. Ако веќе разговараме за промена на грбот или на државните обележја, мислам дека ќе се отвори една голема дискусија и голема тема. Јас лично сметам дека овој грб, кој државата во моментов го има, ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет – вели Димитриевски.

Според лидерот на ЗНАМ, не смее да се дозволи во државните обележја да се наметнува политиката и преку нив да се врши партизација.

– Факт е дека од историски и од хронолошки аспект во државата многу симболи што се поврзани со Македонија и со нејзината историја во минатото се употребувани и од политичките субјекти. Сите тие симболи нам ни значат, вклучувајќи го и лавот и сонцето од Кутлеш коешто, за жал, во согласност со Преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. Но, како и да е, исто така е и петокраката. Ќе отвориме дискусија, па ќе видиме. Не сакам да отфрлам ништо од самиот почеток додека не ги слушнам размислувањата – вели Димитриевски.

Милошоски: Грб со советска симболика

Аргумент дека е потребна промена на грбот, според Милошоски, е фактот дека Македонија не треба да остане во друштво на неколку земји со советски симболи на државниот грб.

Антонијо Милошоски, Фото: Принтскрин

– Ако зборуваме за современи државни обележја засновани на одредена објективна хералдика, тогаш навистина не сметам дека Македонија треба да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и Ангола. Ова се едни од ретките земји во светот што имаат советска симболика во однос на државните грбови. Сметам дека Македонија има и добро историско наследство што може да ги поврзе и АСНОМ и Илинденскиот период и претходните периоди на нашата заедничка држава, и тоа да се отслика во еден современ државен грб што би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија и во таа симболика да биде дел од европските држави – вели Милошоски.

Тој додава дека за иницијативата треба да се отвори дијалог и во одреден временски период да се стаса до консензус.

– Нема ограничување дали тоа ќе се случи за еден месец, за три месеци или девет месеци од денес. Но, добро е да се разговара на оваа тема и темата да биде поткрепена со објективни аргументи – вели Милошоски.

Вреди: Со промена на грбот и пакет отворени етнички прашања

Лидерите на Вреди Изет Меџити, Арбен Таравари и Билал Касами – веќе се изјаснија дека услов за промена на грбот е во пакет да се решат повеќе отворени етнички прашања. Меџити порача дека Вреди не е ДУИ за безусловно да го прифати лавот како симбол на новиот државен грб.

– Тие го прифатија без никакви услови. Ние велиме „да“, да зборуваме за државниот грб и за химната, да зборуваме и за албанскиот јазик. Крајно време е да не биде 20 отсто. Албанците не се бројки, не се 20 проценти. Тој албански јазик ќе биде службен јазик на ниво на Македонија – порача Меџити.И Таравари и Касами повикаа во пакет да се затворат етничките прашања.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека освен за грбот, не разговараат и нема да разговараат ниту за нова химна ниту за албанскиот јазик.
Од СДСМ порачаа дека остро се спротивставуваат на идејата, сметаат дека сегашниот државен грб ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје, нема никакви етнички обележја и, доколку стаса официјална иницијатива, ќе ги искористат сите демократски средства на располагање за да спречат промена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот