Дали сте за танц за душа? Сè повеќе повозрасни жени сакаат да научат да танцуваат

Кога би можеле да видите одозгора подиум на кој се игра танго, би виделе играчи кои се движат како да пловат во река, движејќи се полека нанапред, застанувајќи на моменти за да се свртат во празен простор.

За една девојка или жена да почне да заигра аргентинско танго, освен добра волја, потребни се танго-потпетици – единствената опрема потребна за танго, се разбира, покрај љубовта кон музиката, друштвените танци и уметноста. Така ни објаснија Владанка Колева, магистер по правни науки и инструкторка за танго  и Ирина Тумбовска, магистер по книжевни науки и асистентка за танго од Академијата „ТангоМ“, Институт за развој на аргентинско танго во Р. Македонија, кои одговараат на нашето љубопитство на тема аргентинско танго. Покрај Владанка и Ирина, тимот на Академиа „ТангоМ“ го составуваат и основачот и главниот инструктор Онур Мок и неговиот асистент Оливер Настевски, професор по пијано.

Онур Мок

Има ли возрасна граница за посетување час? Од која возраст може да се почне? Има ли повозрасни жени кои изразиле желба да научат да танцуваат?

– Не постои определена возрасна граница, но мора да се има предвид дека пред да почнете да играте танго мора да бидете емоционално зрели за да може да се почувствува танцот и да се соживеете со него. Тангото не познава возраст. Повозрасните жени постојано изразуваат желба да научат да танцуваат, а годините не се никаква пречка кога станува збор за танго. Тангото е друштвен танц, кој не бара редовно танцување од „мали нозе“, напротив, позрелите жени многу побрзо напредуваат и уживаат во него.

Може ли да се почне без партнер?

– Се разбира дека може. Тангото постои само помеѓу двајца, но тоа не ве ограничува да започнете од првиот час без партнер. Партнерот го одбирате со стекнување искуство од редовно посетување на часовите. Во танго, едниот играч е лидер, а другиот следбеник. Откако еднаш ќе биде разбран односот помеѓу лидерот и следбеникот, преку кој следбеникот добива максимално чувство на задоволство, и лидерот го добива истото чувство. Ова е суштината што го прави тангото уникатно. Благодарение на неговата околина, еволвирал како танц, чија цел е да ѝ се овозможи задоволство на другата личност, со разбирање дека давањето е најмудар пат кон сопственото задоволство.

Владанка Колева
Ирина Тумбовска

Се вели дека за танцувачите аргентинското танго е повеќе од танц, тоа е начин на поимање на животот, зошто?

– Тангото е повеќе од танц. Тангото е израз за фундаменталната човечка потреба: глад на душата за допир, контакт со друга душа. Тангото ве учи да кокреирате со сопствената и со енергијата на другиот, и токму таа енергија е изворот на движење. Со тангото одново го учите сопственото тело и неговата моќ на движење. Откако еднаш ќе зачекорите во светот на тангото, ќе научите да живеете во мигот, да бидете присутни тука и сега, да му верувате на другиот и на самите себе, да уживате во музиката, да се истражувате себеси и да сфатите дека во тангото единствено не грешите во моментот кога сте најпрепуштени, а сè тоа со тек на време се рефлектира и во секојдневието. Тангото не може да се опише со зборови, потребно е да се влезе во прегратката и да се почувствува.

Оливер Настевски

Кои делови од телото најдобро се обликуваат со редовно танцување? Дали може да се каже дека аргентинското танго помага и во дефинирање на телото, како и за слабеење?

– Тангото, пред сè е танц за душа, размена на енергија, ослободување од негативност, движење во прегратка, но се разбира за сè тоа потребно е да биде активно и целото тело, кое помага да останат споени двете срца, сите мускули, а тоа и физички го дефинира телото.

Повозрасните жени постојано изразуваат желба да научат да танцуваат, а годините не се никаква пречка кога станува збор за танго. Тангото е друштвен танц, кој не бара редовно танцување од мали нозе, напротив, позрелите жени многу побрзо напредуваат и уживаат во него.

 Што може да се очекува од еден час и колку часа се потребни за да научиме да танцуваме?

– За да се научи танго потребно е многу повеќе од еден час, но во еден час може да ја добиете желбата за да посакате да заживеете во светот на тангото, а тоа е најважно. Добар час треба да ги содржи следните елементи од тангото: одење, вртење, застанување, ориентација, музикалност и некои украсувања. Според програмата, тангото е поделено на неколку нивоа, а едно ниво е со времетраење од четири месеци. Првото ниво е основата на танго и е најважано за освестување на телото, а понатаму зависи од вас колку сакате да напредувате. Во секое ниво добивате еден час неделно со времетраење од 90 минути, две практики по 60 минути, една милонга, односно танго забава, една практилонга и еднаш месечно посебно женска техника која го подобрува балансот на телото.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот