Дали на Европа и се заканува сценарио од 1938 година? Карл Билт со драматично предупредување во врска со преговорите за Украина
Карл Билт, поранешен шведски премиер и долгогодишен дипломат,преку социјалната мрежа X јавно праша дали е можно да се повтори она што се случи непосредно пред Втората светска војна.
Препорачано

„Дали се движиме кон Минхен 2.0? Во 1938 година, Обединетото Кралство и Франција ја принудија Чехословачка да му предаде клучна територија на Хитлер. Резултатот? За неколку месеци, Чехословачка престана да постои, а набргу потоа, во Европа избувна тотална војна“, напиша Билт на X, пренесува Index.hr.
Are we heading towards a Munich 2.0? In 1938 UK and France forced Czechoslovakia to hand over key territory to Hitler. The result? Within months Czechoslovakia ceased to exist, and within a further few months there was all out war in Europe. pic.twitter.com/zLwcyKbVzu
— Carl Bildt (@carlbildt) August 9, 2025
Што е Минхенскиот договор?
Минхенскиот договор беше потпишан на 30 септември 1938 година од страна на Германија, Италија, Велика Британија и Франција, без присуство на чехословачки претставници. Договорот одлучи дека Чехословачка мора да ѝ го предаде Судетскиот округ на Германија.
Британците и Французите го претставија како победа на мирот, но всушност беше отстапка кон Хитлер. Чехословачка на тој начин ги загуби своите природни одбранбени граници и голем дел од својата воена индустрија, што ја уништи воено и политички.
Хитлер не застана – во март 1939 година го окупираше остатокот од Чешка, додека Словачка стана номинално независна, но во пракса германски сателит.

Зеленски ги отфрла територијалните отстапки
Билт се прашува дали слично сценарио би можело да се случи и во случајот со Украина.
„Блумберг“ вчера објави дека САД и Русија се стремат да постигнат договор за крај на војната во Украина, што би ја зацементирало окупацијата на териториите окупирани од Москва за време на воената инвазија.
„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на европски и украински претставници, пишува дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја запре војната ако ја добие источна Украина.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги отфрли територијалните отстапки за крај на војната со Русија, повикувајќи се на уставот на земјата.
„Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот. Одговорот на украинското територијално прашање е веќе во уставот на Украина. Никој нема да отстапи од него“, рече тој.


