Дали е време за Сеправославен собор?
Синодот на Православната црква на Полска, под претседателство на митрополитот Сава, на својата есенска седница одржана на 27 октомври 2025 година, побара свикување на Сеправославен собор со цел решавање на постојните поделби во православниот свет.
Препорачано
Во соопштението од Синодот се наведува дека архиереите биле запознаени со моменталната состојба во православието и заклучиле дека „за надминување на поделбите е потребно да се свика Сеправославен собор на епископите од целиот православен свет“. Притоа, било потврдено дека Полската автокефална православна црква останува на своите досегашни позиции во врска со расколите и разликите во православната заедница.
Последниот Сеправославен собор, познат и како Свети и велик собор на Православната црква, се одржа од 16 до 26 јуни 2016 година на островот Крит, во Православната академија во Колимбари, близу градот Ханија во Грција, под покровителство на вселенскиот патријарх Вартоломеј I.
На тој собор учествуваа претставници од десет автокефални православни цркви, додека четири патријаршии – Руската, Антиохиската, Бугарската и Грузиската – одлучија да не присуствуваат. Целта на соборот беше да се разгледаат современи црковни прашања како православната мисија во светот, постот, браковите, односите со другите христијански цркви и положбата на православните верници во дијаспората.
Овој собор на Крит беше првиот ваков настан по повеќе од дванаесет века – од времето на Седмиот вселенски собор во Никеја, одржан во 787 година.


