Дали е уставно „Безбеден град“ да се применува само во некои градови? Професорите Шкариќ и Прешова со спротивни ставови
Една од дилемите што се наметнуваат, е дали постои дискриминација доколку „Безбеден град“ функционира во некои општини и градови, како што се Скопје, Тетово и Куманово, а во други не, што потенцијално може да доведе до нерамноправност на граѓаните.
Проектот „Безбеден град“, со кој преку мрежа на безбедносни камери треба автоматски да се санкционираат сообраќајни прекршоци како пречекорување на брзината, неносење сигурносен појас или поминување на црвено светло, отвори сериозни правни и уставни дилеми уште пред неговата целосна имплементација. Иако Владата и дел од правната јавност го бранат проектот како легитимен и неопходен за зголемување на безбедноста, други експерти предупредуваат дека начинот на неговата примена може да биде проблематичен од уставен аспект.
Препорачано
Една од дилемите што се наметнуваат е дали постои дискриминација доколку „Безбеден град“ функционира во некои општини и градови, како што се Скопје, Тетово и Куманово, а во други не, што потенцијално може да доведе до нерамноправност на граѓаните.
Дел од граѓаните би плаќале казни врз основа на надзорот со камери, додека, пак, други не би биле опфатени со истиот режим.
Според член 9 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и пред законите во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
„Охриѓанецот ќе биде казнет во Скопје“
Професорот Денис Прешова од Правниот факултет за „Слободен печат“ вели дека тврдењата за неуставност поради селективна примена не се основани. Според него, принципот на еднаквост не е нарушен, бидејќи сите граѓани се третираат еднакво, оној што ќе направи прекршок во Скопје ќе биде казнет без оглед од каде доаѓа, а, исто така, граѓанин од Скопје нема да биде казнет за прекршок направен во град каде што системот не е воспоставен.
Прешова смета дека ваквиот пристап не создава различни права или обврски меѓу граѓаните.
Во тој контекст, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, за „Слободен печат“ го изнесе својот личен став дека проектот има легитимна цел, дека мерките се пропорционални и оправдани и дека „Безбеден град“ има општествена оправданост и цел заснована на јавниот интерес – заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните.
Еве како изгледаат лажните пораки од „Безбеден град“ – МВР предупредува да не се отвораат
„Законот треба да важи за целата територија“
Наспроти ова, професорот Светомир Шкариќ, еден од најистакнатите македонски уставноправни експерти, предупредува дека токму селективната примена може да биде основ за уставен спор. Според него, начелото на еднаквост не се мери само формално, туку според тоа како законот се применува во пракса.
Тој објаснува за „Слободен печат“ дека, доколку се создава режим на автоматско санкционирање кој важи само во одредени градови, а не на целата територија на државата, тогаш постои реална можност за повреда на уставниот принцип на еднаквост.
Шкариќ посочува дека конечниот одговор зависи од толкувањето на Уставниот суд, од стручноста и од пристапот на уставните судии, но дека дефинитивно има правна основа за спорење на ваквата примена.
— Законите треба да важат на целата територија. Како Уставниот суд ќе го оцени тоа што „Безбеден град“ се применува само во одредени делови од државата зависи од проценката на уставните судии, нивните знаења и разбирање на правната материја — посочува професор д-р Шкариќ.
„Безбеден град“ ќе стартува од 1 февруари
Владејачкото мнозинство го изгласа Законот за прекршоците, кој дозволува примена на „Безбеден град“ иако против се изјасни речиси целата опозиција, со исклучок на пратениците на Левица.
И покрај тоа што ДУИ претходно ја повлече најавената поддршка за законот на лидерската средба, власта успеа да обезбеди двотретинско мнозинство, со што се отвори пат системот „Безбеден град“ да стартува од 1 февруари, како што беше најавувано.
За законот гласаа 81 пратеник, „против“ беа 19, додека немаше воздржани. По барање на опозицијата беше спроведено и поединечно гласање, но и при второто гласање законот ја доби истата поддршка.
Пред гласањето, Левица потврди дека ќе го поддржи законското решение, додека, пак, двете Алијанси за Албанците, крилото на Арбен Таравари и крилото на Зијадин Села, заедно со Европскиот фронт и СДСМ, најавија дека ќе гласаат против.
Опозициските крила на АА јавно го оспоруваат проектот „Безбеден град“ во рамки на измените на Законот за прекршоците и наведуваат дека актуелната примена на проектот отвора сериозни правни, социјални и уставни загрижености.
Од АА тврдат дека примената на „Безбеден град“ само во неколку градови е неправедна и дискриминаторска и дека, доколку целта е зголемување на јавната безбедност, системот мора да важи на целата територија на државата.
Оттаму укажуваат и на, како што велат, неспроведување на Законот за употреба на јазиците, особено во службената комуникација, известувањата и во санкциите, што според нив претставува директно кршење на јазичните права на Албанците.
Дополнително, Алијансата бара ревизија на висината на казните и на прагот на толеранција, оценувајќи дека „безбедноста не смее да се обезбедува преку непропорционални санкции кои можат да ја загрозат егзистенцијата на граѓаните“.
ДУИ не го поддржа, но власта обезбеди 81 глас за „Безбеден град“


