Црн Петок - попусти / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Дали „Црн петок“ ќе го замрси посниот ноември? 

Експертите велат дека ноември не е случајно избран како месец кога треба да стартува предновогодишното шопинг лудило, оти според сите трговски параметри тој е „најпосен“ месец во однос на прометот

Македонските трговци го запоседнаа рекламниот простор со примамливи пораки до потрошувачите, нудејќи им „невидени“ попусти за „Црн петок“ (популарно наречен Блек фрајдеј). Експертите велат дека ноември не е случајно избран како месец кога треба да стартува предновогодишното шопинг лудило, оти според сите трговски параметри, тој е „најпосен“ месец во однос на прометот. Имено, барем кај нас, голем дел од граѓаните сè уште ги отплаќаат летните аранжмани, како и трошоците за стартот на новата учебна година, подготовката на зимницата, а почна периодот на славите и дур да трепнеш, ќе стигнат Нова година и Божиќ. Затоа трговците очекуваат раздвижување на прометот и веќе наголемо почнаа да ја претставуваат својата понуда за последниот ноемвриски викенд. Но, по толку „весели понеделници“, „најсреќни среди“, роденденски акции и други марифетлаци што нудат фантастични попусти и до 70 отсто, граѓаните се со очекување дека ќе имаат среќа, па она за што штеделе со месеци, сега практично, ќе успеат да го купат драстично поевтино.

Но, математиките ќе им покажат дека состојбите на терен се драстично поинакви, па дури ќе се уверат дека некој апарат за домаќинство што со години го имаат и е од истата марка и со истите перформанси, сега се продава по цената по која бил набавен и претходно. И додека во целиот свет на распродажбите, а особено на оние на крајот на ноември кога вообичаено се паѓа „Црн петок“, трговците се ослободуваат од залихите, старите колекции и од моделите што не успеале да ги продадат од прва рака, кај нас попустите се однесуваат само на одредени артикли, а количините се ограничени…

Дел од трговците за „Слободен печат“ велат дека немаат голем простор за манипулација, а јавна тајна е дека иако некои производи или облека се означени како нови сезонски модели, тие сепак биле „веќе видени“ во европските метрополи уште лани или преклани. Вината за ова, според нив, лежи во фактот дека куповната моќ на македонските потрошувачи е многу помала за разлика од регионот, а да не зборуваме за подалеку. Во изминативе години во земјава влегува и големо количество половна облека, а што се однесува до продажбата на апаратите за домаќинство, специјализираните дуќани добија сериозна конкуренција во трговските синџири што продаваат храна, но сè повеќе нудат и мали кујнски апарати по пониски цени.

– Граѓаните купуваат миксери, ваги, фенови, блендери, па дури и правосмукалки на истите места каде што купуваат леб, млеко, салами… Социјалните мрежи се полни со критики дека за тие производи не добиваат гаранција, но упорно ги следат летоците и повторно наседнуваат на овие мамки. Тоа ни нанесува сериозна штета, а прометот на овие производи сè повеќе се намалува, паралелно со зголемувањето на трговците со храна, кои во својата понуда вклучуваат од „игла до локомотива“ – реагираат во специјализираните дуќани за бела техника.

Познавачите на состојбите велат дека лажното рекламирање се смета за трговски трик што е незаконски. Како конкретен пример ги посочуваат постојаните акции што траат и по цела година, но во тој случај се поставува прашањето од која цена се намалува до 50 или 70 отсто, ако попустот трае нон-стоп?

– Никогаш не купувам на нашиот „Црн петок“. Не верувам дека има големи попусти, бидејќи не може секогаш да го најдеш својот број, бидејќи главно се спуштаат најмалите броеви. Во однос на облеката би додала и дека во одредени дуќани и во текот на целата година има драстични попусти, а забележувам дека таа облека е од многу дамнешни сезони, истуткана е и мириса на мемла како да стоела со години во некои магацини. Мислам дека трговците нè потценуваат, особено за овој таканаречен шопинг ден. Но, секогаш ќе има луѓе што ќе се залетаат по рекламите и ќе побрзаат да го купат и она што им треба, но и она што не им треба – вели една наша сограѓанка.

Од Организацијата на потрошувачите велат дека останува на граѓаните дали ќе решат да купуваат на тој ден или, пак, ќе ги претпочитаат другите денови кога има акции, кои докажано не се поинакви од овој ден. Од друга страна, Управата за јавни приходи секоја година ги предупредува трговците што ќе применуваат попусти на своите производи и услуги, да ги истакнат и да ги наведат при издавањето на сметката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот