Да ти се многу години, честити Груби!
Да бидеме искрени, сцената на граничниот премин „Блаце“ личеше на евтина театарска претстава. Неколку службени лица, малку љубопитни погледи, и во средината – човекот што доброволно се вратил. Како бегството никогаш да не се случило. Има само доброволно враќање. Херојско!
Во целата врева околу неочекуваното враќање на Артан Груби, некако тивко, речиси со манири на добро воспитано општество, се оттурна настрана една непријатна околност: дека човекот побегна тогаш кога требаше да остане. Но за тоа денес ретко кој зборува. Се зборува само и само за неговото, внимавај: „доброволно враќање“.
Препорачано
Како да немало бегство, туку како да сме го пратиле на службен пат. Како да не исчезнал од видикот на органите што требаше да го повикаат на одговорност, туку едноставно се задржал малку подолго во соседството, да ги среди, како што рече, „личните работи“.
Сега, со сериозни лица и со гласови што внимателно ја мерат секоја нијанса, се повторува зборот „доброволно“. Тој доброволно се вратил. Доброволно се појавил. Доброволно застанал пред државата. Зборот се повторува толку често што веќе човек почнува да се сожалува. Кутар човек…
Но, како и да вртиме, доброволноста не може да биде поважна од отсуството.
Да бидеме искрени, сцената на граничниот премин „Блаце“ личеше на евтина театарска претстава. Неколку службени лица, малку љубопитни погледи, и во средината – човекот што доброволно се вратил. Како бегството никогаш да не се случило. Има само доброволно враќање. Херојско!
Јасно ми е, во нашето општество постои необична наклонетост кон покајанието, дури и кога тоа не е изговорено. Доволно е некој да се појави, да каже дека е тука, и веќе се зборува за зрелост, за храброст, за соочување. А бегството? Ако може воопшто да не се споменува, бидејќи ја нарушува новата, поприфатлива верзија на настаните.
Исто како во болница каде што пијаниот хирург не се појавил на дежурство кога имало најмногу пациенти, па колегите со денови го покривале и тивко шепотеле дека „има обврски“. Кога конечно ќе влезе во салата, со мирен чекор и сигурен глас, сите му стискаат рака и велат: „Добро е што дојде“. Никој не го отвора прашањето каде бил кога чекале за операции и кога пациентите умирале. Полесно е да се нагласи дека „самиот се вратил“, отколку да се потсети дека токму кога било најкритично – го немало.
И така, со внимателен јазик и блага интонација, се гради нова слика. Не на човек што избегал, туку на човек што се вратил. Не на систем што не можел да го пронајде и да го екстрадира, туку на систем што великодушно го прифатил неговото „доброволно“ враќање.
Но, има еден проблем: великодушноста не е правна категорија. Иако, мора да се признае, гестот на враќање е далеку поудобен од причината на заминување. Звучи како завршница, како затворање на круг. А кругот, кога е затворен, дава чувство на ред. Дури и кога во средината му зјае дупка.
Фактите не се чаршафи што можеш да ги фрлиш врз стар мебел и да се преправаш дека собата е нова.
Останува впечатокот дека во нашата колективна меморија часовникот не работи исто за сите. За обичниот грешник, една година е долга, исцрпувачка, полна со рочишта, повици, неизвесност. За политичките моќници – грешници, таа може да се спакува во една реченица: „се вратив доброволно“. И тука приказната завршува.
Ако враќањето е доброволно, тогаш какво беше заминувањето? И ако државата чекала некој сам да се појави, тогаш таа држава не личи на сила што спроведува закон, туку на домаќинка што стои на прагот и ги испраќа гостите со зборовите: „пак да ни дојдете“.
Овде не станува збор само за Груби. Станува збор за принцип. За сигналот што се испраќа до сите други. Ако е доволно да се вратиш кога ќе процениш дека условите се поповолни, тогаш одговорноста станува прашање на стратегија. На калкулација. А законот, наместо правило, станува препорака.
И токму тука е суштината. Не во самиот збор „доброволно“, туку во леснотијата со која една година бегство се сведува на неколку внимателно избрани реченици. Во тоа што отсуството може да се претвори во наратив за зрелост, а бегството во епизода без последици.


