Стара скопска чаршија/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Да се зголеми прагот за ослободување на малите бизниси од данок на добивка, предлага опозициската Алијанса на Албанците

Зголемувањето на праговите за ослободување и приспособувањето на приходите, создава поволна фискална средина за бизнисите опфатени во таа класификација на трговски друштва, која поддржува развој, иновации и создавање нови работни места, констатираат предлагачите.

Пратеникот Зијадин Села и неговите сопартијци Илире Даути и Елми Азири од Алијанса на Албанците во Собранието доставија Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка. Со законските измени би се зголемил прагот за ослободување од данок на добивка за мали бизниси од 3.000.000 на 4.000.000 денари.

„Со зголемувањето на прагот до 4.000.000 денари, малите бизниси ќе бидат ослободени од данок, што им овозможува зголемена ликвидност и можност за инвестиции во раст и развој. Ова е особено важно во услови на конкуренција и променливи пазари. Предложената законска флексибилност е неопходна за успешно управување со непредвидените ситуации на пазарот и создава услови за оптимизација и прилагодување на конкретните финансиски ситуации на правните лица“, пишува во Предлог-законот.

Трговските друштва можат да се определат да пресметуваат и да плаќаат годишен данок на вкупен приход под услов: да извршуваат стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри. Според сегашната регулатива, вкупниот приход остварен во годината за која се утврдува данокот од кој било извор изнесува од 3.000.001 до 6.000.000 денари на годишно ниво. Со предложените измени се предлага износот да биде од 4.000.001 до 7.000.000 денари.

„Со членот 2 се зголемува износот на приходи од 4.000.001 до 7.000.000 денари. Ова значи дека трговските друштва во овој опсег ќе имаат можност да изберат помеѓу два модели на оданочување: плаќање на 1% од остварените приходи или 10% од добивката“, предвидуваат законските измени.

Зголемувањето на праговите за ослободување и приспособувањето на приходите, создаваат поволна фискална средина за бизнисите опфатени во таа класификација на трговски друштва, која поддржува развој, иновации и создавање нови работни места, констатираат предлагачите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот