Д-р Гроздановски: Јас ја фотографирав грешната табла за „дерматовенерологија“, па ме прераспределија, директорот Исијановски негира мобинг

Табла „дерматовенерологија“ / Фото: Фејсбук

Доктор Мирослав Гроздановски, невролог во поликлиниката Букурешт, во редакцијата на „Слободен печат“ се пожали дека откако минатата недела ја фотографирал спорната табла каде што одделението за „дерматовенерологија“ беше погрешно испишано, а потоа закачено во оваа здравствена установа, добил решение за прераспределба во друга поликлиника. Според него, самото тоа што ја фотографирал таблата, претставувало основ поради кој директорот на здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски го префрлил во друга институција.

Директорот Исијановски, пак, за „Слободен печат“ комплетно ги негира овие наводи и тврди дека во другата поликлиника имало потреба од професионалец како неговиот колега, па затоа ја извршил прераспределбата.

-Имаме колешка помлада од мене 25 години, а јас сум на четири години до пензија. По правилата на нештата, обично секогаш се праќаат помлади колеги во друга клиника. Му кажав на директорот дека во Букурешт направив врвен европски кабинет и еве гледате, од суета нечија, што се случува. И тоа јас не ја објавив фотографијата туку професорот Никола Пановски. Ама не можеш по магарето, па удри по самарот. Мобинг ми прави, не ми ја дава честа, ни правдината, кога има помлада колешка да оди таа, а не јас. Јас ја фотографирав таблата и тоа е причината за мојата распределба, дефинитивно. Тоа е јавна табла, патоказ за луѓето. Не сум фотографирал нешто тајно. Одлуката за прераспределбата моја, дојде отпосле откако ја фотографирав. Четвртокот се случи, си коментирав со колегите приватно. Не објавив ништо, објави Никола Пановски. Попладнето ја заменија таблата, а утредента околу 13 часот кога дојдов на работа курир ми достави решение за прераспределба од петти дека сум распределен во Бит Пазар. Значи месецот почнал. Нормално дека не го потпишав решението. Му пишав допис на директорот Исијановски и денеска разговарав со него и ми кажа дека експерт како мене му треба на Бит Пазар и дека одлуката е конечна. Му реков дека ќе дадам отказ, зашто сум на четири години пред пензија, но тој рече дека одлуката му е конечна. Не сака да ја отповика одлуката и негира дека ме распределува поради тоа што ја фотографирав таблата, изјави за „Слободен печат“ доктор Гроздановски.

Тој додава дека не му е јасно, зошто помладата колешка не е прераспределена, доколку кадар од истата специјалност е потребна во поликлиниката Бит Пазар.

Директорот на здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски вели дека прераспределбата на докторот невролог која се случила во петокот, не е резултат на тоа што ја фотографирал несоодветната табла на одделот за „дерматовенерологија“.

-Јас како медицински директор, воопшто не знам кој пријавил и му пратил на доктор Пановски да објави на Фејсбук и со тоа воопшто не се ниту оптоварувам. Таблата како што реков, стоела 10 до 20 минути, веднаш беше отстранета и беше поставена нова табла. Докторот воопшто не го поврзувам ни со таблата ни со казна, ни со укор. Тој е голем професионалец за мене и искусен доктор. Граѓаните подолг временски период бараат на поликлиниката Бит Пазар да се врати невролог. Имавме невролог таму која што замина на Нервна клиника и останавме без доктор на Поликлиника Бит Пазар. Сите доктори во здравствениот дом во специјалистичката служба не се врзани со поликлиника туку со својата специјалност. Доколку немаме некој кадар во некоја поликлиника, а во друга имаме двајца, еден од нив ќе отиде во другата поликлиника. Сите ротираат. Докторот не е однесен под казна. Докторот е однесен поради барање на граѓаните, ни изјави директорот Исијановски додавајќи дека и претходно истиот работел во поликлиниката Бит Пазар.

Запрашан дали прераспределбата настанала пред или по фотографирањето на спорната табла во поликлиниката Букурешт, тој рече дека не знае и треба да провери кога се случила таа одлука. Доктор Исијановски вели дека има право како медицински директор да одлучи кој колега ќе биде прераспределен и дека тоа не зависи од возраста туку од специјалноста и најостро негира дека ситуацијата е тенденциозна.

Исијановски вели дека нема факти и не знае кој му ја пратил фотографијата на Пановски која што подоцна беше исклучително вирална, а на која се гледаше дека одделението во Букурешт за дерматовенерологија, погрешно беше испишано како „дермавенетерологија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот