Читалната во „Браќа Миладиновци“ пак го скрати работното време пред сесија, студентите собираат потписи
Над 1.400 студенти досега ја потпишале онлајн петицијата со која бараат да се продолжи работното време на читалницата во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, во пресрет на испитната сесија, објави „Мета“.
Препорачано
Иако повеќето студенти од внатрешноста се вратени во Скопје, студентите добиле информација дека по 8 јануари читалницата ќе работи само до 22 часот. Тие велат дека ова ги ограничува можностите за колегите кои учат навечер.
„Колоквиумската и испитната сесија многу наскоро ни се ближи. Студентите се претежно вратени во Скопје, и често условите во нивниот дом не им го дозволуваат потребниот мир и амбиент за учење. Дополнително, по 8 јануари 2025 година, читалната ќе работи само до 22:00 часот, што дополнително ги ограничува можностите за студентите кои учат во доцните часови“, се вели во онлајн петицијата во која студентите бараат да имаат можност да учат во читалницата без ограничување на времето.
Директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Снежана Стојчевска, на прашањето од кои причини читалницата работи со скратено работно време и дали ќе излезат во пресрет на барањата на студентите, за „Мета“ кусо одговори дека стандардното, 24-часовно време на читалницата ќе се врати „по празниците“, на 20 јануари.
Слични петиции имаше и во јануари минатата година, како и во 2022 година, кога Градската библиотека од непознати причини, во пресрет на јануарската испитна сесија престануваше со 24-часовната работа и ги затвораше вратите порано. По онлајн петициите, и во двата случаја Градската библиотека го продолжуваше работното време според барањата на студентите.


