Чадиковски: Од примарна важност е учениците да станат медиумски писмени, но од клучно значење е кој ќе им го пренесува знаењето

Од следната учебна година учениците од прво и четврто одделение ќе се запознаваат со медиумската писменост. Иако многу родители реагираа оти таа возраст не е адекватна за оваа тематика, претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, смета оти е најдобро тоа да се изучува токму од најрана возраст.

– Факт е дека писменоста се учи од најмали нозе. Децата на предложената возраст за воведување на медиумска писменост веќе почнуваат да ја развиваат својата вештина за пишување. Во таа насока убаво е да стекнат навики за критичко размислување кои ќе се развиваат со нивниот раст. Ние мора да станеме свесни дека живеењето во дитална ера ги смени нашите навики, но едновремено и ги обликува навиките на нашите деца. Во таа насока медиумската писменост ќе им помогне на децата во прецизно пребарување на податоци – вели Чадиковски за „Слободен печат“.

За претседателот на ЗНМ од примарна важност е новите генерации што побргу да станат меидумски писмени, бидејќи како што вели, влегуваме во дигитална ера, во која дигиталните медиуми веќе ги заменуваат традиционалните.

– Ние многу брзо ќе се најдеме во ситуација кога дигиталните медиуми ќе бидат доминантни, ќе ги заменат книгите, традиционалните медиуми. Многу истражувања укажуваат дека младите растат со Интернет, дигитални медиуми и технологии. Токму затоа од примарна важност е да станат медиумски писмени. Да бираат што ќе читаат, што ќе слушаат или гледаат преку дигиталните алатки. Колку порано ја развијат вештината за медиумска писменост, толку потешко ќе паѓаат во замки да бидат уловени од морето дезинформации кои го загадуваат дигиталниот простор, а уште поважно ќе научат како да бидат безбедни во сајбер просторот – додава Чадиковски.

Тој смета и оти е многу значајно кој ќе им го пренесе ова знаење на учениците.

– Што се однесува до прашањето кој треба да го пренесува знаењето, мора да сме на чисто дека ова е од клучно значење. Децата мора да ги описменува некој кој има вештини за дигитална и медиумска писменост. Секој друг обид може да придонесе за половичен успех, кој за жал, долгорочно може да донесе штета – заклучи Чадиковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот