Цел град театар на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Стојаноска на отворањето на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Театарот му се врати на градот Прилеп со 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што се одржува од 9 до 16 јуни со мото „Враќање дома“.

– Од првиот момент кога Собранието на фестивалот ме избра за уметнички директор и претседател на собранието, почнав да ја креирам сопствената визија за тоа како сакам овој фестивал да личи. Со фестивалот растев, од фестивалот го учев и засакував театарот, за фестивалот се градев во својата професионална област. За мене Прилеп секогаш ќе биде првата слика за фестивалот и фестивалот ќе биде првата слика за Прилеп. Затоа нема многу да ги користам зборовите, се надевам овие емоции на благодарност ќе дојдат до секој еден од вас што помогна да ја остварам мојата визија. Сите предизвици, несогласувања, прилепскиот инает, емотивниот поетски крик во мене, сериозниот театролог, трпеливоста на професорката, се претопуваат во благодарноста и радоста што сме денес овде – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ на свеченото отворање на 9 јуни.

Театарџии, бројна прилепска публика, почитувачи на театарската уметност дојдоа заедно да се одбележи почетокот на 57. издание на фестивалот. На официјалниот дел одлично предвестие беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје.

Богата програма сместена во неколку содржински целини ќе понуди МТФ „Војдан Чернодрински“ годинава. Програмата на фестивалот ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. Напладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден.

Ќе следуваат промоции на книги, меѓународна конференција, а ќе биде поставена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години. Наградите за животно дело годинава ги понесоа актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Отворање на изложбата посветена на Коле Чашуле во Градската библиотека „Борка Талески“

На свеченото отворање на фестивалот му претходеше отворање на ретката роднокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот. За важноста на оваа трајна поставка зборуваше директорката на библиотеката „Борка Талески“, Моника Талеска, а Ана Стојаноска истакна колку е важно да им се оддава почит на големите роднокрајни автори, како што е Чашуле.

Прва претстава на официјалната програма беше „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Во официјалната програма на фестивалот учествуваат 10 претстави, во програмата „Независна продукција што игра домашни автори“ ќе учествуваат пет претстави, а со дипломски претстави ќе настапат и студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје.

Годинава Собранието на фестивалот, по предлог на претседателката Ана Стојаноска, одлучи комисијата што ќе одлучува за наградите да биде целосно од странство. Членови на жирито ќе бидат Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стериино позорје“ во Нови Сад, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“ во Белград и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора.

Перформанс на „Театроск“ во Прилеп

Секој ден од 17 часот на неколку локации низ градот ќе бидат поставени фестивалски зони во кои членови на групата „Театроск“ ќе постават свои живи статуи, додека студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе бидат скомрах и ќе презентираат кратки патувачки етиди. Оваа програма е поддржана од „Пакомак“.

На 13 јуни ќе се одржи и меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на македонската јавност“. Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски. Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп. Медиумски покровител е МРТ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот