Бунарскиот систем Нерези-Лепенец ќе повлече валкана вода од Вардар ако премногу се користи
Д-р Златко Илијовски од Градежниот институт во емисијата „Вин-вин“ на Телма синоќа рече дека бунарскиот систем Нерези-Лепенец во Скопје има капацитет од околу 1.400 литри вода во секунда, што претставува приближно 40 проценти од вкупните потреби на главниот град.
Препорачано
Сепак, тој додаде дека според анализите направени во рамки на елаборатот за заштита на системот и математичкото моделирање, реалната можност за безбедно користење на бунарите е значително помала – до 500 литри во секунда.
„Технички бунарскиот систем Нерези-Лепенец има капацитет од 1400 литри во секунда. Тоа е отприлика 40 проценти од вкупната потреба на градот Скопје, меѓутоа анализите што ги правевме ние во ракмите на изработката на елаборатот за заштита на бунарскиот систем Нерези-Лепенец и математичкото моделирање што се направи, укажува дека можноста за експлоатација максимално е до 500 литри во секунда. Значи, околу 35 проценти ние можеме да користиме безбедно, а кога таа количина ќе биде надмината, се создаваат услови за повлекување поголема количина вода од реката Вардар кон бунарите. Во тој случај ние имаме нечиста вода, бидејќи Вардар е од четврта категорија во тој дел на теренот“, рече Илијовски во емисијата во која учествуваше и професорот Трајче Стафилов.


