Бугарски пасош лани добиле 1.992 Македонци, четирипати помалку од претходната година

Бугарски пасоши/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Македонците повторно се најдоа на врвот на листата на странски граѓани кои добиле бугарско државјанство. Според податоците на Комисијата за бугарско државјанство при кабинетот на претседателот на државата, лани 1.992 Македонци добиле бугарско државјанство. Податоците покажуваат дека нивниот број се намалува во однос на претходните години. Така во 2020 година Бугари станале 9.098 Македонци, а во 2021 година нивниот број бил 7.696 лица, објавија бугарските медиуми.

На второ место на листата се Украинците-лани бугарски пасош добиле 1.639, а потоа следуваат Турците со 1.290 бугарски пасоши, Србите со 556, Албанците со 517 и Молдавците со 476 бугарски државјанства.

На седмо место се најдоа Русите за кои податоците на Комисијата за бугарско државјанство покажуваат дека секој ден по еден Русин добива бугарски пасош. Во 2022 година бугарски пасош добиле 356 Руси чиј број и покрај војната во Украина, не се зголемува. Претходната 2021 година бугарски пасош добиле 479 Руси, а во 2020 485.

Во 2022 година бугарски пасош добиле и 202 Израелци, 88 Сиријци, 50 Ерменци, 33 Ирачани и 23 Виетнамци, како и 13 граѓани од Европската Унија.

Вкупно, лани 7.410 странски граѓани добиле бугарски пасош врз основа на бугарско потекло, имале родите бугарски граѓанин или врз основа на натурализација.

Истата година со указ бугарското државјанство им било одземено на 247 лица. Меѓу нив се Бугари кои се преселиле во друга држава која не дозволува двојно државјанство, вклучувајќи ги и оние кои зеле пасоши од Русија и Белорусија. Во оваа графа спаѓаат и оние кои решиле да станат граѓани на Северна Македонија, велика Британија, Германија, Шпанија, Холандија, Полска, САД и други.

Од минатата година во Бугарија е укината можноста за добивање „златни пасоши“ врз основа на инвестиции, а претходната 2021 година биле издадени 9 такви пасоши.
Врз основа на заслуги бугарски пасош лани добиле 8 лица, сите на предлог на министерот за спорт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот