Бугарската пропаганда продолжува: Македонскиот јазик е „скопска пишана норма“

Бугарите ги употребуваат сите средства за да ги уверат земјите членки на Европската унија во исправноста на аргументите на Софија околу македонскиот јазик и историјата.

Со таа цел, на 15 февруари ќе биде објавена книгата „Бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“, како приватна иницијатива, во која ќе бидат вклучени примери „за кражба на бугарската историја, за уништување на бугарските споменици и за репресија врз Македонците кои се сметаат себеси за Бугари“.

За да бидат аргументите поуверливи, тимот којшто стои зад ова дело вклучува и двајца автори од Македонија кои се декларираат како Бугари, Владо Тренески и Деан Танчовски, и еден автор од Албанија.

Исто така, веќе се собираат донации книгата да биде преведена на англиски, германски, португалски и шпански за да можат Европејците, а посебно Португалците како претседавачи со ЕУ, да ја разберат позицијата на Бугарија.

– Авторите од Македонија изразија желба, со цел објективно да ја запознаат локалната јавност со фактите, книгата да биде објавена во „скопска пишана норма“ и на албански јазик. За оваа цел, покрај спонзорите од Бугарија, ќе се бараат и спонзори од Република северна Македонија и од македонско-бугарската емиграција во Западна Европа, САД и Канада, стои во најавата за книгата.

– Ние веруваме дека токму сега е соодветно да се запознае португалското претседателство со ЕУ со природата на постојните проблеми во Р С. Македонија. Штом ќе бидат подготвени публикациите на бугарски и на странски јазици, ќе ги замолиме организациите на Бугарите во странство и нивните активисти да контактираат со тимот на автори за да им обезбедат копии за дистрибуција меѓу локалните медиуми, политичари, пријатели на Бугарија, библиотеки, тинк-тенкови и итн. На таквата активност гледаме како на долгорочно партнерство и создавање на бугарско лоби во странство. Со оглед на можностите, некои од авторите би биле вклучени во презентацијата на Белата книга во странство. Сите бугарски печатени, радиодифузни и други електронски медиуми исто така ќе бидат снабдени со потребните копии, стои во најавата за книгата.

Според најавата, оваа книга ќе биде дистрибуирана преку лични посети и состаноци со претставници на странски дипломатски мисии во Софија и Скопје. Бидејќи средствата за нејзиното објавување се собираат преку донации, хартиените и електронските изданија ќе бидат дистрибуирани бесплатно.

– Фактот дека вистината е на наша страна не е доволен. Потребна е вистинска акција за да се поддржи вистината.Покрај тоа, апелираме до сите свесни Бугари да не влегуваат во груби спорови со граѓаните на РС Македонија, бидејќи тие се наши браќа. Во моментов, сајбер просторот е полн со тролови чија цел е ширење на вештачка поделба меѓу населението од двете страни на бугарско-македонската граница преку ширење лажни вести и говор на омраза. Во моментов имаме поделба. Сепак, тоа не ни одговара и мора да ги смениме условите поставени од други, порачуваат авторите на книгата.

Според објавената содржина, во книгата се споменуваат сите македонски просветители како пример за лажирање на историските факти и на нивното творештво, како Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Браќа Миладиновци, Јоаким Крчовски и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот