Брус Спрингстин ги моли своите обожаватели да гласаат против Трамп: Ние сме без кормило и без радост
Пејачот Брус Спрингстин (71) во последната епизода од неговата радио емисија „My Home to Yours“ изјави дека Белата куќа има потреба од „егзорцизам“.
„Еден добар дел од нашата добра земја, според мене, беше темелно хипнотизиран, со испран мозок од еден маж од Квинс“, тој им се обрати на своите слушатели.
„Измешан џингоизам, некаков лажен патриотизам, страв од афроамериканска планета, суета, нарцизам, параноја, теории на заговор и дел од нашата нација е подложен на масовни заблуди и заканувања со насилство. Како успеа да го направи тоа?“, со револт раскажува Брус.
„Мислев дека тоа е заебано страшен кошмар, но тоа било вистина. Време е за егзорцизам во главниот град на нашата држава“, порача тој.
„Во оваа Бела куќа нема уметност. Нема литература, нема поезија, нема музика. Во оваа Бела куќа нема куќни миленичиња, нема најдобар пријател на лојален човек, нема научни саеми за деца, претседателот нема време да ја соблече својата униформа која се состои од син костум и црвена вратоврска и да стане човек. Освен кога носи бела кошула и крем панталони и се крие од Американците за да игра голф“, рече Спрингстин.
„Нема слики од првото семејство кое ужива во заеднички моменти на релаксација. Нема моменти како кога семејството Обама беа на плажа на Хаваи или кога семејството Буш ловеа риба во Кенебункпорт, ниту како Кенеди кој играше американски фудбал на Кеп. Каде исчезна таа земја? Каде отиде целата забава, радост и изразување на љубов и среќа?“, праша Брус.
„Ние сме без кормило и без радост. Ги изгубивме културните аспекти на општеството што ја прават Америка голема. Ги изгубивме забавата, среќата… Ние сме изгубени. За толку кратко време изгубивме многу. На 3 ноември исфрлете ги со гласови“, додаде.
Брус Спрингстин и претходно остро ја критикуваше Белата куќа, а неодамна изјави дека ќе се исели од земјата доколку Доналд Трамп победи на претстојните претседателски избори.
Тој се збогува со поранешниот американски претседател Барак Обама со приватен концерт кој беше организиран во склоп на Белата куќа.
„Запомнете, Америка, ова е нашиот момент“, рече Спрингстин, порачувајќи им на своите обожаватели да гласаат.