Вонредна состојба во Нов Зеланд — огромни бранови и силни ветришта го погодија Велингтон
Властите издадоа наредба за задолжителна евакуација на крајбрежните населби во Овхиро Беј, Исланд Беј, Хотон Беј, Брекер Беј и Моа Поинт откако брановите и ветровите со брзина од над 100 километри на час го погодија регионот.
Морски бранови со висина до 11 метри и силен ветер го погодија јужниот брег на Велингтон во Нов Зеланд, што предизвика евакуација на населението, прекин во сообраќајот и краткотрајно прогласување вонредна состојба, а стихијата попушти во текот на денот, јавија локалните медиуми, пренесе Анадолу.
Препорачано
Властите издадоа наредба за задолжителна евакуација на крајбрежните населби во Овхиро Беј, Исланд Беј, Хотон Беј, Брекер Беј и Моа Поинт откако брановите и ветровите со брзина од над 100 километри на час го погодија регионот.
Налети на ветер до 137 километри на час се забележани и на делови од брегот на Ваирарапа.
Откажани се и некои летови од аеродромот во Велингтон, а пријавено е дека мал авион се превртел поради екстремните временски услови.
Од безбедносни причини превентивно се откажани сите патувања со фериботите на компаниите „Интерисландер“ и „Блубриџ“, кои сообраќаат преку Куковиот Теснец.
Градоначалникот на Велингтон, Ендрју Литл, за медиумите изјави дека првичните прогнози укажувале на потенцијално опасни крајбрежни поплави, врз основа на претходни сериозни настани, вклучително и големите штети во 2020 година. Сепак, тој истакна дека иако брановите достигнале 10-11 метри подалеку од брегот, нивното влијание поблиску до копното било помалку сериозно од предвиденото.
„Не се пријавени големи штети“, рече Литл, додавајќи дека одлуката за прогласување вонредна состојба била донесена врз основа на раните прогнози и грижата за безбедноста.
Локалната вонредна состојба на јужните и источните области е укината откако властите проценија дека ризиците се намалени.
На стотици евакуирани жители подоцна им е дозволено да се вратат во своите домови, иако официјалните лица предупредија дека остатоците и лизгавите површини сè уште може да претставуваат опасност.
МетСервис соопшти дека високи бранови ќе има до утре наутро, а властите предупредуваат дека следниот циклус на висок прилив во текот на ноќта сè уште може да создаде зголемени ризици.
Официјалните лица ги повикаа жителите во крајбрежните области да бидат претпазливи и покрај подобрувањето на временските услови.
ВИДЕО | Моќен земјотрес ја погоди Јапонија, издадени се предупредувања за цунами


