„Не можеме најголемата трагедија да ја исправиме со неправда“, бранителите го проблематизираат обвинението
Дел од бранителите на обвинетите за трагедијата во Кочани го проблематизираат интегрираното обвинение што го поднесе обвинителството бидејќи тврдат дека се работи за тотално ново обвинение со нова временска рамка за тоа кога го извршиле кривичното дело, а бројот на сведоци го намалиле од 283 на 35 сведоци. Обвинението беше ревидирано откако се спои обвинението на главниот предмет со обвинението на газдата на Рубикон.
Препорачано
-Не можеме најголема трагедија да ја исправиме со неправда. Правата на обвинетите треба да бидат испочитувани – рече адвокатот Петре Шилегов кој брани еден од 38-те обвинети.

-На претходното рочиште ОЈО ни кажа дека ќе достави ревидиран интегриран текст на обвинението, но кога видовме ова е тотално ново обвинение земајќи предвид дека време, место и начин на извршување се трите основни столба на потенцијална вина, а фактот што за припадниците на обезбедувањето е сменето времето на извршување јасно говори дека ова е ново обвинение. Измена на обвинение може да се направи во доказна постапка ако обвинителот оцени. Не сме во фаза на изведување на докази, не знам како ќе се извлечеме од оваа мат позиција – рече еден од бранителите.
Па така, тие велат дека ова е еден вид на трето обвинение па кај некои обвинети имало отстапување со неколку години.

-Не е сериозно обвинителството ниту кон обвинетите ниту кон нас бранителите, а најмногу кон судот затоа што судот сега треба да биде во позиција на Совет на оценка на обвинителниот – рече адвокатот Димитар Дангов.
Обвинителот Борче Јанев пак тврди дека воопшто не станува збор за ново обвинение ниту во субјективниот, ниту во објективниот идентитет.
-За жал точно е дека не постои можност за исправање на технички грешки, но тоа не значи дека се додадени нови обвинети лица нови кривични дела, ниту е сменет описот на делата – тврди обвинителот и вели дека има допрецизирање.
Судот се повлече за да донесе одлука по предлозите, а блиските негодуваа на барањата на бранителите.


