Брајан Волш доби доживотен затвор за убиството и за расчленувањето на сопругата Ана од Белград – судијката го опиша чинот како варварски
Брајан Волш во четвртокот беше осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување, откако порота во Масачусетс го прогласи за виновен за убиството и расчленувањето на неговата сопруга, мајка на нивните три деца, Ана Волш. Судијката ги опиша неговите постапки како „варварски и неразбирливи“, објави „Еј-би-си њуз“.
Препорачано
Неговата сопруга, Ана Волш, исчезна на 1 јануари 2023 година, на 39-годишна возраст. Нејзиното тело никогаш не е пронајдено.
Брајан Волш минатиот месец се изјасни за виновен по обвиненијата за неправилно отстранување на телото и давање лажни изјави на полицијата по нејзиното исчезнување. Тој ја смени изјавата за овие две точки пред да започне изборот на порота, но тврдеше дека не ја убил сопругата.
Виновен за убиство од прв степен
Поротата од округот Норфолк во понеделникот го прогласи 50-годишниот Волш за виновен за убиство од прв степен, по околу шест часа разгледување во текот на два дена.
Со оваа пресуда, законот предвидуваше задолжителна казна доживотен затвор без можност за помилување или условен отпуст.
Судијката Дајан Френиер изјави дека казната е единствената соодветна и праведна според законот, „со оглед на вашите убиствени дејства и траумата што им ја нанесовте на сопствените деца“.
Обвинетиот убиец Волш барал на „Гугл“ повеќе начини како да ја убие и распарчи сопругата од Србија
Таа додаде дека поради неговите лаги кон полицијата „илјадници часови истражни ресурси биле залудно потрошени“, а неговите дејства при расчленувањето и фрлањето на телото „можат да се опишат само како варварски и неразбирливи“.
„Не покажавте никаква грижа за доживотната психолошка штета што им ја нанесовте на вашите тогаш двегодишен, четиригодишен и шестгодишен син,“ рече таа.
Судијката нагласи дека тие „никогаш нема да можат вистински да тагуваат и да се збогуваат со својата мајка“.
Судот изрече последователни казни за трите обвиненија, вклучително и до 20 години затвор за лажење на полицијата и до три години за нелегално отстранување на телото.
„Овој чин остави неподнослива празнина“
Сестрата на Ана Волш, Александра Димитриевиќ, се обрати до судот пред изрекувањето на казната, велејќи дека „неразбирливиот чин“ оставил „неподнослива празнина“ кај неа и кај нивната мајка.
Таа побара судот да го земе предвид „долгорочното влијание“ што убиството ќе го има врз децата на Ана.
Обвинетиот убиец Волш барал на „Гугл“ повеќе начини како да ја убие и распарчи сопругата од Србија
„Најболниот дел од оваа загуба е сознанието дека нејзините деца ќе мора да растат без мајчината рака што ги води. Ги очекува живот исполнет со големи и мали моменти во кои нејзиното отсуство болно ќе се чувствува,“ рече таа.
Обвинителството побара строги и последователни казни, додека одбраната тврдеше дека такви казни би биле „несоодветни и нечовечни“.
Обвинителот Грег Конор одговори дека зборот „нечовени“ најдобро ги опишува постапките на обвинетиот – „убиството на сопругата, нејзиното расчленување и фрлањето на остатоците како да се ѓубре“.
Тој истакна дека со тоа семејството на Ана било лишено од гроб и од место за спомен.
„Ја нашол мртва, па испаничил“
Судијката изјави дека при изрекувањето на пресудата ги разгледала поднесоците од обвинителството и од одбраната, како и повеќе писмени изјави за последиците од злосторството врз семејството, вклучително и документ доставен во име на децата од надлежната социјална служба во Масачусетс.
Таа истакна дека Ана Волш била личност која позитивно влијаела врз околината, но нагласи дека не може да го усогласи описот на обвинетиот од писмото на неговата мајка со делата за кои е осуден, порачувајќи му дека со вината за смртта на сопругата ќе живее до крајот на животот.
За време на двонеделното судење, Брајан Волш не сведочеше, а одбраната тврдеше дека ја нашол сопругата мртва и потоа во паника ја лажел полицијата.
Обвинителството, пак, презентираше докази за убиство со предумисла, вклучувајќи интернет пребарувања за отстранување тело, надзорни снимки од купување алат за расчленување и фрлање кеси со отпад, како и предмети со траги од крв пронајдени во контејнери и поврзани со Ана Волш преку ДНК.
Судот зема предвид и дека обвинетиот во тоа време чекал пресуда во федерален случај за измама, при што беше наведено дека таа казна ќе се издржува паралелно со доживотниот затвор.
САД: Сопругот на Србинката Ана Волш е официјално обвинет за нејзиното убиство


