Брадата стана проблем инспектор во МВР да утврди кај кого вршел претрес за „Монструм“

Не употребував никаква физичка сила врз обвинетите, сведочи во судот поранешен припадник на Единицата за насилен криминал при МВР, кој вршел претрес во домот на петтообвинетиот во случајот „Монструм“, Хаки Азири.

Вработениот во МВР тврди дека со обвинетиот воопшто не разговарал за време на превозот до полициска станица, единствено му ставил лисици, но немало никакви елементи на тортура или пак закани. Тогаш во својство на инспектор задолжен за претресот, додава дека кога влегле во домот на Азири, веднаш по протокол ги изолирале жените и останале само со обвинетиот. При претресот биле користени и кучиња за потрага по експлозив, а ако Азири имал било какви повреди, истите би биле нотирани во записникот.

Сепак, образложувајќи дека поминале многу години, бившиот инспектор не го препозна обвинетиот Хаки Азири, туку посочи дека претрес вршел кај Агим Исмаиловиќ и нагласи дека не можел веднаш да го препознае лицето во судницата, бидејќи тогаш имал брада.

Хаки Азири, на претходните рочишта истакна дека инспекторите физички го повредувале, па затоа неговиот првичен исказ не треба да се земе предвид, но инспекторот одговори дека тој не употребувал сила, а потоа го предал на други инспектори, кои биле главни за истрагата.

На барање на адвокатите на оштетените и обвинителката Фатиме Фетаи Хаки Азири и Агим Исмаиловиќ ги симнаа маските, но тогашниот инспектор повторно беше неодлучен при препознавањето.

Рочиштето продолжува со прашања од адвокатите на одбраната, а за денеска се предвидени сведочења на уште две лица, припадници на МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот