Ботови ги нападнаа и српските независни медиуми на социјалните мрежи, се бара државна истрага
Слично како и во неколкуте наврати во кои цел на ботски напади беа профилите на „Слободен печат“ на „Инстраграм“, организиран напад денеска се случи и врз неколку акаунти на српските медиуми „Радар“ и „НоваС“, познати по критичката опсервација на власта на Александар Вучиќ.
Препорачано
Независното здружение на новинари на Војводина (НДНВ) и Здружението на новинари на Србија (УНС) ги осудија ботските напади врз профилите на независните медиуми на социјалните мрежи и побараа од надлежните органи да ги истражат овие напади и да ги идентификуваат сторителите, пишува „НоваС“.
Независното здружение на новинари на Војводина (НДНВ) го осуди привременото суспендирање и затворање на инстаграм-сметките на независните медиуми, вклучувајќи ги и сметките на редакциите Autonomija и VOICE на NDNV, како дел од поширок координиран дигитален притисок што сериозно ја загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста на информации.
Во последните неколку недели, неколку медиумски канали – „Радар“, „Зумер“, „НоваС“, „Н1“, како и други акаунти кои се платформа за навремени и вистинити информации за граѓаните – беа изложени на масовни напади со ботови и необјаснети суспензии на Инстаграм платформата, потсетува НДНВ.
„Ваквите настани не се изолиран технолошки инцидент. Тие се координирани обиди за дигитална саботажа насочени кон независните медиуми кои критички известуваат за состојбата на општеството и настаните од јавен интерес“, предупредува здружението.
НДНВ оценува дека систематските напади врз медиумските сметки на социјалните мрежи претставуваат нова форма на притисок и цензура, потсетувајќи дека тие се случуваат во контекст на сè почести притисоци врз независните медиуми, вклучувајќи закани, кампањи за дискредитирање и законска репресија.
„НДНВ истакнува дека дигиталните канали на комуникација, а особено социјалните мрежи, се клучни за навремено, директно и професионално известување, особено во услови кога традиционалните канали трпат притисоци и ограничувања. Секое ограничување или затворање на сметките на независните медиуми претставува неприфатлив напад врз медиумскиот плурализам и правото на граѓаните да бидат информирани“, се вели во соопштението на здружението.
Привремено суспендирани Инстаграм сметки на редакцијата „Нова“, трајно затворена сметката на Radar.rs, напади и врз други профили.
НДНВ побара итна истрага за околностите на нападите со ботови и суспендирање на медиумските сметки, како и ефикасна заштита на медиумските работници и независните медиуми од дигитална саботажа и манипулација.
„НДНВ бара транспарентно дејствување од „Мета“ и другите дигитални платформи, со јасни објаснувања за причините за суспензијата и чекорите што ќе бидат преземени за заштита на професионалните медиумски сметки“, се додава во соопштението.


