Бошњаковски: Ако ни се случи регрес, ЕУ е засекогаш изгубена
Новата бугарска влада, ако се формира, и променетата перцепција на ЕУ за последиците од одложувањето на проширувањето се двата клучни фактори што и натаму ни даваат надеж за членство на Македонија во ЕУ, вели аналитичарот Владимир Бошњаковски за „Слободен печат“.
Препорачано
– Досега научивме дека не треба прерано да се радуваме на најавените пробиви во однос на ЕУ интеграцијата. Сепак, тоа не може да не спречи да се надеваме на конечно одблокирање на процесот, односно дека во декември или периодот што претстои конечно ќе добиеме зелено светло. За разлика од претходните самити, овој пат постојат одредени размрдувања што даваат причина за оптимизам. За да го разбереме ова треба во предвид да имаме два фактори.
Првиот фактор е променетата перцепцијата на земјите-членки на ЕУ за последиците од одлагањето на преговорите. Имено, тие од внатрешни политички мотиви континуирано го пролонгираат давањето на датум за преговори, при што сметаа дека од тоа нема да има никакви посериозни последици, односно дека ние верно и спокојно ќе чекаме пред портите на ЕУ. Сепак, турбуленциите кои произлегоа по поразот и најавуваната оставка на премиерот Зоран Заев на многу груб начин ја срушија таа илузија на клучните носители на одлуки. Тие се соочија со тоа човекот што го промовираа како светла точка на Балканот, не само да биде поразен и тргнат од власт, туку како една од главните причини за таквата судбина да биде фактот дека тој наивно верувал и бил прелажан од водечките лидери на Унијата. Ова во смисла дека тој сменил име и прифатил промена на историјата, а за возврат не ги добил ветените преговори. Ова тотално би го уништило кредибилитетот на кој било сегашен или иден европски лидер – вели Бошњаковски за „Слободен печат“.
Од друга страна, додава тој, над целиот регион надвисна неизвесноста за тоа дали и на кој начин ќе се спроведуваат договорите со Грција и Бугарија доколку дојде до промена на власта.
– Навистина опозицијата даде некои поблаги сигнали во однос на договорот со Грција. Пораката беше дека „ќе го почитуваме договорот кога ќе мораме, ама секогаш ќе бараме начин да избегнеме почитување“. Тој став не проаѓа во меѓународната арена, каде што договорите не само што мора да се почитуваат, туку мора и да се извршуваат во добра волја. Неслучајно официјална Атина даде јасни сигнали дека едно такво половично извршување ќе значи реотворање на спорот што мислевме дека е затворен. Ситуацијата е порадикална во однос на договорот со Бугарија каде што има најави дури и дека ќе се раскине. Еден ваков регресивен развој на настаните фундаментално би ги пореметил геополитичките текови во регионот. Заклучокот ќе биде дека дури и навидум решените проблеми на Балканот, всушност се само заспани и е прашање на време кога ќе се разбудат. Ова ќе значи целосно напуштање на надежта за трајно решавање на Балканските прашања, и тоа не само во Македонија. Крајниот резултат ќе биде затворање на вратата за целосно интегрирање на регионот во западниот свет во наредните декади, ако не и за секогаш – вели Бошњаковски.
Покрај променетата перцепцијата на земјите-членки на ЕУ, според Бошњаковски вториот фактор кој дава надеж за деблокада се политичките промени кои настанаа со парламентарните избори во Бугарија.
– Таму граѓаните најголемата доверба ѝ ја дадоа на сила што доста попрагматично гледа на нашите меѓусебни односи. Додатно, сметам дека веќе на секој здраворазумски бугарски политичар треба да му е јасно дека методите што ги користи официјална Софија се на штета и на самите интереси на Бугарија. Тие на крај може и ќе ја добијат битката за историјата, но нивната врата за какво било влијание во Македонија ќе биде тотално затворена. Ако тој разум проработи кај нив, тие ќе ги одблокираат преговорите и ќе остават историските прашања да се решаваат во една поопуштена атмосфера – вели нашиот соговорник.
Овие два фактори несомнено даваат надеж дека конечно ќе дојде до одблокирање на процесите, смета Бошњаковски.
– Сепак, ако нешто не учат последните години е дека надежта не е и гаранција. Затоа, ние и покрај сите разочарувања никогаш да не изгубиме надеж дека нештата ќе бидат подобри на меѓународен план, но гаранцијата за благосостојбата на нашата земја да ја бараме во подобрувањето на нашите внатрешни државен апарат, економија, образование, култура и вредности, а не во Брисел, Париз или Софија – заклучува тој.


