Боки 13 се сомнева дека решение со одговор на негова жалба е фалсификувано со потпис на починат судија

Бојан Јовановски-Боки 13 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој е на издржување деветгодишна затворска казна за случајот „Рекет“, преку својот правен тим, денеска ја информираше јавноста дека се сомнева оти на решение како одговор на неговата жалба е фалсификувано. Тој, во писмото испратено до јавноста, објаснува дека, поради здравствени причини, барал прекин на издржувањето на затворската казна, но не го добил. Поранешниот директор на Управата за извршување на санкции Маријан Спасовски, наводно, му рекол дека ќе го пушти од затворот „Идризово“ „ако амин дадат Миле Зечевиќ и Таче“.

Поради тоа, како што продолжува во објаснувањето, во затворот бил вратен со метаплазиран желудник, претканцерогена лоша здравствена состојба.

– Па сега прашувам од кого судот бара и чека дозвола за мојот законски основан прекин на издржување на казна заради лекување или постои трајна политичка наредба за одбивање на моите барања кон судот? Нека целата јавност и сите заинтересирани страни видат дека судот станал дом за фалсификување, наместо дом за правораздавање, па довербата и од осум проценти ви е многу, вие сте за минус осум проценти доверба! – реагира Боки 13.

Наведувајќи дека „ова фалсификувано решение“ му нанело огромна душевна болка, бидејќи се чувствувал комплетно обесправено и дополнително му ја влошило здравствената состојба и на психички и на соматски план, тој тврди дека никој не ги ни погледал доказите за неговата здравствена состојба.

– Решението кое денеска во оваа таканаречена жалба го побивам е донесено на криминален начин (ова го нема ни во најкриминогените холивудски сценарија) и изразувам основан сомнеж дека се работи за фалсификат, за фалсификувано и антидатирано решение кое не е внесено во реално време согласно закон во АКМИС-системот каде е задолжително внесување на судска одлука на денот кога истата е донесена, или најдоцна ден потоа. Изразувам сомнеж дека решението не е донесено на 31 јануари 2023 година бидејќи не е потпишано од сега починатиот судија Огнен Ставрев, дотолку повеќе што истиот бил на својата работна позиција до 3 февруари 2023. Решението пк 18/22 донесено со датум 31 јануари 2023 година, ден вторник, работен ден, а предметниот судија огнен Ставрев, почина на ден 4 февруари 32023 година, сабота – наведува тој.

Неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, како што информира, решението го побарал сам од судот и го добил по негово барање и иницијатива на ден 13 февруари 2023 година.

– Па оттука поставувам прашање: Од кои причини доколку решението било донесено на ден 31.01.2023 година не е доставено веднаш на мене или на моите бранители, или пак наредниот работен ден 01.02.2023 година или пак ден потоа на ден 02.02.2023 година или пак ден и потоа 03.02.2023 година во итен законски рок и додека предметниот судија бил жив и до последен ден бил на работа во судот и остварувал непрекинати службени контакти до ден 03.02.2023 година во врска со предметната постапка со мојот бранител Владимир Туфегџиќ адвокат од Скопје? Од каде патуваше решението за постапка од „итен“ карактер, за јас истото да го немам се уште добиено, а мојот бранител сам да го бара и на тој начин да го добие решението од судот или пак главната причина беше времето потребно за фалсификаторите да го изготват ова монструозно решение? – се дел одо прашањата што Јовановски ги поставува во писмото.

Наводите и содржината на се што поседува, Јовановски, како што вели, ќе ги достави до Републичкиот судски совет, до раководителот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Амбасадата на САД во Македонија, до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, до меѓународни институции и организации и до целата општа и стручна јавност преку медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот